Тројца основци се добитници на првите три награди на конкурсот за најдобар концепт за видеоигра на тема „Заштита на животната средина“ во рамки на проектот „Видео игротека“.
Првото место го освои Матеј Цветковски од Радовиш, второто ѝ припадна на Темјана Јорданоска од
Скопје, а Душко Геразов од Скопје ја доби третата награда.
Нина Пантиќ, Мелани Серафимовска и Ева Ивановска од ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ од Скопје добија признание за најдобар тимски концепт.
Целта на проектот е да се обрне внимание на бројните еколошки проблеми и енормната потреба од заштитата на животната средина, а воедно децата и младите да се поттикнат да ги користат новите технологии на креативен начин.
Според пропозициите на повикот, право на учество имаа деца и млади на возраст од 7 до 18 години. Децата на возраст од 7 до 12 години требаше да приложат идеја и цртеж, а младите на возраст од 13 до 18 години да приложат концепт и 2Д/3Д цртеж (концепт арт или дизајн) за играта. Право да учествуваат имаа тимови и индивидуалци со најмногу по два концепти за видео игри.
Повикот беше дел од проектот „Видео игротека“ во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ Скопје, кој се реализира со поддршка на Министерството за култура и Делегацијата на ЕУ.