Масовни протести низ Словачка против предложените измени на кривичниот законик

Словачките улици и вчера беа место каде илјадници граѓани се собраа на протест низ поголемите градови за да изразат револт од планот на Владата на премиерот Роберт Фико да го измени кривичниот законик.

На протестот во главниот град Братислава, на кој учествуваа околу 15.000 луѓе, можеа да се слушнат многубројни скандирања против Владата и против премиерот Фико.

Предложените измени, за кои е потребно одобрување од парламентот и претседателот пред да стапат на сила, вклучуваат распуштање на канцеларијата на Специјалното јавно обвинителство, кое се бави со сериозни кривични дела како политичка корупција, организиран криминал или екстремизам.

Според плановите, случаите од Специјалното јавно обвинителство би биле префрлени во регуларните обвинителства по словачките региони, кои веќе 20 години не водат случаи од ваков профил.

Лидерот на словачката опозициска либерална партија, Михаил Симецка, вели дека измените „можат да водат кон амнестија на мафијата и корумпирани луѓе“.

„Мораме да им покажеме дека ќе ја браниме правдата“, додава Симецка.

Европската комисија повика на темелна и длабинска анализа на ваквата реформа, која според нив е далекусежна и навлегува во многу сфери на ЕУ законодавството.

Локалните медиуми во понеделникот пренесоа дека владејачката коалиција, составена од блок на левичарски популисти и ултранационалисти, се откажала од идејата овие контроверзни измени да ги донесе пред католичкиот Божиќ и дека сега планираат измените да се случат пред крајот на годината.

Откако Владата на премиерот Фико дојде на власт на почетокот на годинава неколку големи истраги за висока корупција се прекинати или пак се одолговлекуваат. Канцеларијата на Специјалното обвинителство, за кое Владата бара да се распушти, во моментов води неколку големи коруптивни случаи во кои се вклучени политичари од владејачката партија Смер. Меѓу нив се и процеси против директорот на полицијата, Тибор Гашпар, заменик-претседателот на парламентот, Петер Жига, гувернерот на Централната банка, Петер Казимир, како и поранешниот шеф на разузнавачките служби.

Планираните измени на кривичниот законик истовремено вклучуваат и намалување на казните за коруцпија.

Протестите во Словачка се одржуваат од 7 декември и оттогаш досега растат во интензитетот.