Масовни апсења и солзавец на демонстрациите во Белорусија – околу 100 илјади луѓе протестираа во Минск

Околу 100 илјади демонстранти вчера протестираа во Минск, повторно барајќи оставка од долгогодишниот претседател Александар Лукашенко, а протести се одржаа и во уште девет други градови. Министерството за внатрешни работи соопшти дека ширум земјата биле уапсени околу 200 демонстранти, пренесува српски „Н1“.

На педесеттиот ден од протестите, некои од демонстрантите го исмеваа Лукашенко носејќи картонски круни на главите. Бранот демонстрации беше инициран по официјалните резултати од претседателските избори одржани на 9 август, според кои Лукашенко освои повеќе од 80 проценти од гласовите. Опозициските активисти и демонстрантите тврдат дека изборите биле лажирани.

И покрај секојдневните апсења и репресијата над демонстрантите и активистите, нема индиции дека интензитетот на протестите слабее.

Лукашенко предизвика дополнителен гнев кај демонстрантите во средата, кога се одржа ненајавена церемонија за неговата инаугурација за шести мандат на чело на државата.

Армијата и полицијата го блокираа центарот на Минск со оклопни возила и водени топови. Во меѓувреме, полицијата призна дека во источниот град Гомел употребила солзавец и шок бомби за да ги растера „непослушните“ демонстранти.

Светлана Тихановскаја, главниот противник на Лукашенко на изборите, која пребегна во Литванија, ја пофали решителноста на демонстратите и ги повика да не дозволат да дојде до „трошење на енергијата“.

„Денес е педесеттиот ден од нашиот протест, и народот на Белорусија повторно излезе на улиците. Дојдовме да го запреме овој режим и тоа ќе го сториме мирно“, рече Тихановскаја.

Западните земји ги критикуваа изборите во Белорусија и ги осудија судирите со демонстрантите, додека ЕУ и САД размислуваат за воведување санкции кон белоруските власти.

Лукашенко вчера остро му одговори на претседателот на Франција, Емануел Макрон кој изјави дека претседателот на Белорусија мора да се повлече и дека во Белорусија постои „криза на авторитарно владеење што не може да ја прифати логиката на демократијата“.

„Сакам да кажам дека претседателот на Франција, следејќи ја сопствената логика, требаше да поднесе оставка пред две години, кога (демонстрантите од движењето) ‘Жолтите елеци’ почнаа да излегуваат на улиците на Париз“, рече Лукашенко.