Марш на толеранцијата во Скопје, француската амбасадорка во првите редови

Македонија е земја на хумани и солидарни луѓе – порачаа учесниците на маршот за подршка на бегалците, кој попладнево се организираше во Скопје.  Под паролата „Бегалци без граници“ присутните се собраа пред Музејот на Град Скопје и се движеа по улицата „Македонија“, Камениот мост, се до Старата скопска чаршија.

Заедно со присутните, со солзи на очите, во првиот ред маршираше и француската амбасадорка во земјава, Лоренс Оер чија држава синоќа беше мета на терористички напад во кој загинаа над 150 лица. Со едноминутно молчење учесниците им оддадоа почит на загинатите во Париз. Активистите порачаа дека терористичките напади во Париз не треба да се поврзуваат со бегалците.

„Јас не мислам дека терористичките напади кои се случија вчера во Париз треба да се поврзуваат со прашањето на бегалците. Ние и така се соочуваме со говор на омраза и инциденти кон сите оние кои им помагаат на бегалците. Не станува збор за настани кои треба да ја зголемат ксенофобијата, напротив. Бегалците бегаат токму од тоа, да ги спасат своите животи. Она што се случи вчера во Париз беше грозоморно, не постои оправдување за посегање по нечиј живот. Апелирам да не се подлегнува на оние стории кои се шират и говорот на омраза за подигање на живи ѕидови. Мислам дека доколку погледнеме на таквите ниски страсти ксенофобијата во голема мера ќе се зголеми“, изјави Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот Комитет кој беше еден од организаторите на настанот по повод Светскиот ден на толеранцијата.

Во знак на солидарност со бегалците, дел од хуманитарците маршираа со боси нозе. Маршот беше поддржан од ЛГБТИ Центарот за поддршка, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Цивил – Центар за слобода и Солидарност.