На Пелинце, на Меморијалниот центар АСНОМ, на 26 јули ќе се одржи првото издание на „Boiling point festival“.
Се работи за гитарски хард-кор DIY фестивал под отворено небо, каде ќе настапуваат „Noviot Pochetok“, „ Yöu“,„Primitive Dread“, „War Engine“, „Shock Troopers“ и „Мариналеда“.
Радио МОФ направи краток разговор со Марко Стојковски од „Boiling Point“, кој вели дека идејата за фестот одамна се „крчка“, ама сега дошло време да се направи исчекор.
„Ова е трето лето како пробувам за фестивал. И, се случува генерално бидејќи се намалуваат концертите во Куманово. Се случува музичари и бендови да не можам да ги договорам и организирам во текот на целата година, па, си викам, барем еднаш годишно да се склопи некое фестивалче, да се собере екипа и да се свири. Вакви фестивали, на пример, летни хард-кор/панк фестивали постојат по Балканот, Хрватска, овде-онде, и генерално од тие сум инспириран“, посочува Марко.
Имаат амбиција фестивалот да стане дводневен, зависно како ќе пројде годинешното издание.
„Цел и идејата е да биде дводневен. Ова сега е пилот, тест програма. Во принцип, како што кажав, повеќето бендови се бирани по тоа што веќе биле планирани за да свират во Куманово, ама од разни причини не сме можеле да ги организираме за концерт. Значи, да се даде глас на независната сцена, ама да видиме и колку може оваа независна сцена. Фестивалот од организациски аспект, пола од работите ги вршат пријатели, другари, дел бендови… Почнувајќи од опрема, мерчови… пак е таа екипа, сѐ е тоа исто. Има поента ова да биде и да остане самоиницијативно, самоорганизирано и да видиме што, колку и како можеме“, нагласува Марко.

Илустративно фото: Енвато
„Boiling point festival“ има и друга идејна страна. Да се излезе од онаа „комфорна зона“ на организирање фестивали внатре, по клубови и локали, туку да се оди надвор – на отворено, што носи друг вид предизвици од логистички аспект. Во прашање е опрема, звук, бина, штандови… сѐ е различно.
Плус, во Македонија генерално недостасуваат независни или гитарски фестови под отворено небо. Прва помисла е поголемиот „Д Фест“ со вториот стејџ, потоа „Metal Discharge“ во Битола, целодневниот „Синестетика“ во Скопје на ледината Шамак, или „Сепак се врти“ што годинава ја „сврте“ цела Македонија… Ама, ретко кој се прави во природа, покрај дрвја или река.
„Ако трае два, во најдобар случај три денови, би имало кампинг, дружење, зезање, целиот тој простор може да профункционира како мини панк-град. Бидејќи Пелинце е добар простор, феноменален!“, потенцира Марко.
За оние што доаѓаат од Куманово и Скопје ќе има организиран превоз.
„Превозот е поради достапноста на местото, бидејќи е 20 и кусур километри од Куманово. Дополнително, да не се прават таму гужви со паркинг, но и да се избегне моментот кога сите одат со посебно возило (вака ем поеколошки, ем повеќе заедничарење). Затоа сакаме да ја истераме таа приказна со организираниот превоз“, објаснува претставникот на „Boiling point“.
„Фестивалот почнува од 6, а завршува во 1 часот по полноќ. За секој бенд ќе има плус-минус по еден час, со пресметано време и за местење на сцена. Очекуваме да биде супер!“, дополнува Марко.
***
Бендовите што ќе настапуваат, онака како што ги претстави организаторот:
„Noviot Pochetok“ се панк рок легенди со кои се немаме видено на наш терен од далечната 2009та година. До сега имаат издадено 5-6 албуми, отсвирено 300 концерти низ цела Европа и безмалку 25 години го одржуваат мелодичниот панк во живот.
„Yöu“ e eмо/скримо банда која функционира веќе 10тина години. Имаат издадено еден албум во 2017 и едно ЕП од неодамна што претставува прекрасен повод да ги поканиме после 9 години повторно да настапуваат на наш терен.
„Primitive Dread“ е екипа од западот која го негува стариот добар кросовер; хардкор и треш метал од средината на 80тите со печат од новото доба. После минатата дружба од пред 2 години, Primitive Dread издадоа уште едно ЕП, отсвиреа доста концерти низ Европа и на фестивалот ни доаѓаат стегнати како никогаш до сега.
На гости од Нови Сад ни доаѓаат „War Engine“, треш метал/хардкор бенд кој до сега има издадено 3 ЛП и 2 ЕП изданија, моментално настапуваат насекаде низ регионов, па редно време беше да ги поканиме и кај нас.
„Shock Troopers“ е бенд кој скоро 20 години ја одржува македонската хардкор сцена во живот. До сега имаат издадено едно сплит издание, моментално го спремаат третото ЛП и после неверојатни 17 години ќе имаме можност да ги гледаме на наш терен.
Овогодинешниот лајнап го комплетираме со „Мариналеда“, пост-панкерите од предградијата на Скопје. Бенд кој веќе 10тина години активно свири и неколку не имаат посетено во тој период. После скоро 3 години, се гледаме повторно, овој пат во Пелинце.
***
Бојан Шашевски