[Интервју] „Metal Discharge“: На македонската сцена се случува вистинска метал експанзија

По 10 години пауза, лани во Битола се случи третото издание на фестивалот за авторска метал музика „Metal Discharge“. Дечките што го организираат фестот го карактеризираат како најуспешното и најпосетено издание, посочуваат дека на македонската сцена се случува вистинска метал експанзија, па оваа година на 10 јуни спремаат нов таков музички собир. На шестчасовниот металски маратон на ракометното игралиште во Битола ќе настапат „Violent Chapter“, „Demency“, „Shock Troopers“, „Mamut“, „Conspiracy“ и „Lucent“.

Во интервју со Радио МОФ, екипата зад „Metal Discharge“ вели дека за вакви настани има интерес и од самите музичари, а „гладна“ е и публиката. Бендовите веќе горе-долу ја разбрале идејата и концептот, па се благодарни што им дале доверба.

„Живите настапи за секој кој е дел од ова се посебна приказна. Лично и ние сме биле дел и од публика и од бендови, па слично како и од оваа трета страна чувството да се биде во фузијата на разменување енергија меѓу сите присутни во кругот, да гледате одлични бендови, да ги сретнете пријателите, да запознаете нови луѓе на свирка, и на крај изразот на лицата на сите присутни е неопислив. Метал комуната во Македонија е една од најискрените, па така и некако лесно најдовме начин да се договориме и да го направиме ова. А публиката, особено новите генерации се прекрасни. Без предрасуди, дојдени да си поминат убаво, да се изжуркаат ослободени од стегите на минатиот век“, вели екипата.

Рековте дека лани беше вашeтo реобединување. Каква е моментално металската сцена, што се случува?

Моментално, за чудо на македонската сцена се случува вистинска метал експанзија. Искрено вака навидум после пандемијата, особено лани, ни наликува како да започна една нова ера на македонската метал сцена. Можеме дури да се пофалиме дека веќе и бендовите се крајно сериозни и вложени во процесот наречен бенд, а и од технички аспект концертите се на многу повисоко ниво од пред 10 години. Мора да ги споменеме и останатите екипи кои напоредно работат во другите градови: Тerrorvoid promotions – од Скопје, Diehard records – Охрид / Скопје и Valhaala Bar од Куманово. Оваа година можеби е и најплодната со ваков тип на настани. Ви препорачуваме да ги заследите профилите на сите овие организации, разгледајте ја прилично богатата агенда што следи годинава.

Како металот опстојува сиве овие години, има ли поддршка од институции за настани/простор, или е повеќе самоиницијативен и андерграунд?

Во случајов конкретно би можеле да кажаме за Битола, бидејќи тука е нашето делување. Досега се што било организирано било од сопствени средства и помош од приватниот сектор. Плаќаме се’, од простор, озвучување па се до мобилни тоалети. Функционираме само од наплата на карти и во принцип тоа и ни е концептот, навидум на база на пазарна економија или како и да се нарекува… Кога бевме помлади пробавме да стапиме во контакт со локалните институции, но бевме разочарани од нивниот пристап од самиот старт. Жално беше што требаше да имаш „врски“ и познаници. Па и да стигнеш до некое ниво на преговори или понуда за помош, ќе видиш само дел од прагот на корупцијата, непотизмот и се она што не поддржуваме. Затоа решивме да не бидеме дел од тоа. Со години не баравме ништо од нив. Се надеваме дека во моментов со новите структури ќе најдеме начин, барем да не бидеме саботирани во работата, доколку се покажат со искрени намери, сето тоа би помогнало и би го довело ова на повисоко ниво. Како секојпат така и сега остануваме да се собереме сите љубители на андерграундот на 10–ти јуни, да земеме под закуп место, озвучување и се што е потребно од техничка страна, да ги викнеме бендовите и сами да си ја направиме една од поголемите DIY – метал журки.

Пишавте дека Битола станува еден од главните бастиони на андерграундот. За оние што не знаат, што досега се правеше во Битола..?

Започнавме уште многу одамна како средношколска иницијатива. Редовно ја пратевме тогашната сцена и со тек на време од сите тие свирки акумулиравме енергија и искуство и во еден момент, кога другите застанаа, природно дојде редот и одговорноста на нас да го продолжиме она што го правеле луѓето пред нас. Од минимални услови, од два прокрчкани звучници во Зодијак, па преку најбитниот момент – КОД КАФЕ, со тек на време стигнавме на едно подобро ниво. Мора да ги споменеме и некои од свирките во Вакум, и секако паралелно на ова во Битола имаше и некои други иницијативи кои не се метал, но се дел од  движење во субкултурата, а тоа се Артикултура, Дебатно Кино Контра Кадар, Predisposed to Oppose – сегашно Ponder, Иницијатива Кино Партизан – која никогаш не виде бел ден и неколку приказни кои не беа од гитарски карактер, но во друга прилика за тоа. Сега моментално матична локација за свирки ни е Кафе Бар Везилка. Паралелно на ова, главниот проблем во Битола на другите сцени беше што претходниците на ова беа заложници на државните институции и грото од настаните беа бесплатни и промотерите чекаа тие да им ги покријат настаните и нормално беа уценувани и доведувани на компромиси со погрешни луѓе што за погрешни причини го кочеа целиот процес. Мислиме дека конечно се расчистија тие работи.

Доколку зборуваме за вистинска независна сцена, ги охрабруваме да почнат да наплаќаат карти, како секаде во светот…

Што планирате во иднина, ќе продолжите ли со свирки, фестивали?

Пријатно изненадени од ланскиот фестивал, добивме елан и енергија да го продолжиме овој процес, да не биде да чекаме цела година само за еден ден на фестивалот за да може да гледаме бендови. Поради фактот што на фестивалот сме ограничени со време и не може да ги услужиме сите бендови, напоредно започнавме со уште една иницијатива која ни ја прифатија од Везилка – Битола и им сме крајно благодарни за тоа. Овде направивме една импровизирана подлога за реализација каде што се одржаа уште неколку одлични свирки во поинаква атмосфера. Дури за прв пат во историјата на Битолската метал сцена имаше распродаден настан. Во летниот период Везилка станува отворена тераса, па бараме помал простор на отворено за организирање на настани. Следен чекој би бил продукција. Гледаме да помогнеме на секој можен начин на бендовите, и овде во Битола прво и основно бараме место за проби. Има нови бендови но нема каде да снимаат, нема каде да вежбаат. Се надеваме дека наскоро ќе смислиме нешто.

Ова го правиме за нив, за публиката, за градот, за државата и фер е да кажеме дека го правиме и за нас. Сакаме убаво и креативно да го поминеме времето и со сите сили работиме да им пружиме средина во која ќе се гради сцена на здрава нога, безбедна и слободна за прогресивна мисла.

Новинар: Бојан Шашевски
Фото: Кети Талевска