[Галерија] „Синестетика“ – целодневна културна настава во природа

Музичкиот пар Виктор Танасковски и Ива Дамјановски, од многумина препознаени преку проектот „Алембик“, во една прилика за Радио МОФ рекоа дека културната сцена треба да се развива спонтано, органски, да не биде исфорсирана, за да има ефект. Притоа, да се развива индивидуалност, а сепак да биде на ниво на заедничко движење. Сето тоа движење повеќе да се дисперзира, да има случувања на различни места, не само кафулиња, клубови, МКЦ, туку да се користат и други локации за авторска музика. Да се размислува на сите слободни простори што се на располагање за солидаризирање на таквото културно движење. На пример – надвор, покрај природа. Културата и уметноста да биде во синтеза со природата. Тоа беше и поентата на фестивалот „Синестетика“, чија движечка сила беше токму дуото Танасковски-Дамјановски.   

Најпрво одржан годините пред пандемијата, а сега, по ковид-паузата „Синестетика“ доби трето издание, повторно на подножјето на скопско Водно.

На ледината Шамак над Козле се одвиваше целодневна настава во природа. Преку ден топличко, по кратки ракави докај 16-17 часот, а после тоа џемпери, јакни и палта. Кој како се снашол и што си понел за да не смрзне. Ама, ваквото „вадење“ од комодитетот и дневните рутини беше токму и поентата на „Синестетика“, во таа потрага по нов слободен простор. Зашто уметноста мора да продолжи да живее. На „гурање“, со другари, со друштво, со добротворна акција.

На Шамак дојдоа луѓе за провод. Дојдоа и луѓе на екскурзија. Дојдоа и бендови. Дојдоа и културни фанатици. Дојде и публика што истовремено и самата е обликувач на алтернативната сцена, секој во своја сфера, а сега повторно заедно. Се случи микс на различни активности, уметности, музики и жанрови. Пример, сабајлето имаше „винил истегање“ со Скопски грув, а потоа на импровизираната сцена настапуваше АТА – Атанасија Гулевска со банда инструменталисти од различни состави (Мартин Џорлев од „Lufthansa“, Марко Печеновиќ од „Cut Your Nipple“ и Андреја Салпе). Ова е солиден состав, веќе сигурен во она што го прави, произведувајќи „патувалки“ низ време и простор.

Свиреа и дечките од блуз-составот „The Mole Pack“, па потоа  Ади Имери да седне на сцена заедно со талентираниот Петар Лукиќ и Брус од „Foolish Green“. „Алембик“ (сега најавени како математички докази: Improof ) приредија нова, свежа алхемиска музичка точка. Она што ги дефинира, е нивното недефинирање во музичка смисла. Немаат калап. Не се жанрофоби. Музиката треба да се слушне и доживее. Без задршка и претпоставки.

 

Покрај самата сцена, меѓу пешачко-коловозниот пат и тревникот каде некој репризно се дереше „Пепи!“ по своето куче, се случи „Срам“. Се работи за авторски перформанс на актерката Ангела Стојановска за простувањето со срамот од телото, од храната, од живеењето во оваа земја. „Срам“ е нејзино прифаќање, заблагодарување и раскрстување со срамот. Сега, „Срам“ доби нов аудиториум, пригода да се постави претставата во ново опкружување, со цел публиката да може да партиципира, биде будна, да учествува заедно Стојановска, но и можност да се тестира нивото и вниманието на оние што дошле само за пијанка под отворено небо.

Ноќта беше резервирана за „византискиот самрак“ на „Ширшаја“, бендот на Зајче што лани го издаде првиот албум. Веќе пишувавме дека, во својата срж, се работи за рокенрол музика. Музика што на прво слушање можеби ќе ве потсети на стари култни македонски бендови, од она дарквејв и пост-панк движење на состави како „Падот на Византија“, „Мизар“, „Анастасија“… Но, дечките внесуваат и повеќеслоен инструментариум што создава современа звучна слика, испреплетена меѓу минатото и сегашноста.

Свирка направи и психоделичниот-рок состав „Foolish Green“, кој со брит-манирот ја присобра онаа публика што реши да не си отиде дома, туку да истера провод до крај на фестивалот. Се направи гужва пред бина, наелектризирана, на нозе.

На сцената некаде кај 23 часот засвиреа „Lufthansa“, но овојпат главно фокусирани на нивните поединечни проекти – „Стој, после!“, „Дивоградба“ и „Vagina Corporation“. Дечките веќе си имаат солидна фан база, и меѓу младите, и меѓу повозрасните. Тие се од новата генерација музички рокенрол откровенија што даваат свежина на алтернативната сцена. Дечки што свират, но и се дружат меѓусебно со други бендови од новиот рокенрол бран. Си одат по свирки. Седат заедно пред МКЦ, гаражи или во парк. Сега и на „Синестетика“. Такво заедништво, е нешто што одамна веројатно и недостасува, но и и’ треба на сцената. Музика и другарство, како што ќе каже еден пријател од „Стотројка“.

„Синестетика“, меѓу другото, имаше и хуманитарна димензија. Поставени беа пунктови за донација на храна, облека и средства социјално-загрозени семејства. Присутните може да отидат до гастрономските штандови за вегетаријанска или невегетаријанска храна, но и до местата за друштвени игри на „Гоблин“, или едноставно да истераат некоја игра што сами си ја понеле од дома. Онака, опуштено, седнати на трева. Да се дружат со познати и непознати фаци.

Од отворањето на фестивалот, па до самиот крај, на околните дрвја беа изложени ликовни и литературни дела од повеќе локални автори. Но, имаше можност уметници/дизајнери самите да се вклучат по желба, да изложат свои креации, што дадоа дополнителна димензија на солидарната уметничка кауза на „Синестетика“.

„Синестетика“, се’ на се’, има потенцијал да го надоградува ваквиот концепт. А, самото тоа што беше во природа, на некој начин беше „statement“ спрема институциите и нивниот однос кон културата. Дека, вакво движење може и вака. Самоорганизирано.

Бојан Шашевски