Марк Закерберг побара Европа да ги регулира социјалните мрежи, пред да се прошират „авторитарни“ правила

Сопственикот на Фејсбук, Марк Закерберг, ја повика Европа да ги регулира социјалните медиуми за прашањата како политички пораки, приватност и преносливост на податоци.

Милијардерот, кој вчера одржа говор на Минхенската конференција за безбедност, треба утре да се сретне со членови на Европската Комисија.

Според него, регулаторни граници ќе овозможат граѓаните да имаат доверба дека технолошките гиганти ги следат правилата за кои сите имаат согласност и дека корисниците не сакаат приватни компании да носат одлуки за тоа како да се регулираат социјалните медиуми, без демократски процес.

„Верувам дека нашата одговорност е да изградиме оперативна сила за да спроведуваме политики, да се бориме со попречувања и да имаме добри контролни механизми. Но, владите треба да ни обезбедат повеќе насоки и регулација, за политичкото рекламирање, или пак каков дискурс треба да се дозволи во исцртување на границата меѓу штетното изразување и слободата“, рекол Закерберг, пренесува Еуроњуз.

„Кога ќе поставите црта меѓу слободниот говор и безбедноста, не постои еден точен одговор. Луѓето мора да се чувствуваат дека доволен број луѓе размислиле за одлуката, наместо дека тоа го направила приватна компанија“, додал тој.

Закерберг признал дека веројатно не би се согласил со секој вид регулација, но процесот требало да овозможи доверба и подобра интернет регулација. Тој истовремено додаде дека е загрижен што земјите како Кина воведуваат „авторитарни вредности“ во регулирањето на интернетот.

„За да се внесат демократски вредности, отворени вредности, мора да реагираме брзо пред поавторитарните модели да бидат воспоставени на повеќе места“, рекол основачот на Фејсбук.

Одговарајќи на прашања околу дезинформациите и попречувањето на изборните процеси, тој посочил дека Фејсбук отстранува еден милион кориснички профили дневно, и дека тим од 35 илјади вработени постојано оценува опасни содржини.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.