Мал остров на Карибите цели да стане првата заедница која целосно функционира со криптовалути

Иако островот зафаќа територија од само 18 километри квадратни, Бекија е запоставен од повеќето туристи, освен од познати ѕвезди и дел од британското кралско семејство, пренесува „Euronews“.

Но, островот започнува да го привлекува вниманието бидејќи станува првата заедница која целосно оперира со криптовалути. Имено, овој остров ќе биде првиот кој ќе започне да прифаќа криптовалути при откуп на имот.

Криптовалутите ќе се користат и за секојдневни плаќања – ќе бидат прифатени во рестораните, кината и кафулињата.

Но според тамошните граѓани, прифаќањето на криптовалутите како начин на плаќање не е само ефтин трик за привлекување на внимание.

„Воведувањето на плаќањето со криптовалути не е трик“, изјавил Сторм Гонсалвес, еден од основачите на Бејквеј проектот, додавајќи дека плаќањето е воведено бидејќи жителите на островот се отсечени од широкоприфатените банкарски институции.

„На жителите на малите острови им е многу тешко да праќаат и добиваат пари интернационално. Големите банки започнуваат да ги одбегнуваат малите острови, па ако овој тренд продолжи малите нации ќе бидат комплетно отсечени од интернационалната трговија. За оние острови чија главна заработка е туризмот, ова претставува голема закана“, објаснува Гонсалвес.

Тој додава дека ова е една од главните причини зошто Карибите се едни од најголемите поддржувачи на плаќањето со криптовалути кое претставува решение за големиот проблем.

„Ова предизвика многу острови од Карибите да ги прифатат криптовалутите – Бермуда, Бахамите, Барбадос и Св. Винсент се лидери во оваа политика“, вели Гонсалвес.

Во март, источниот дел од Карибите стана првата унија за криптовалути во светот, а криптовалутата „DCash“ се воведе во четири острови.