Македонија нема речиси никаков напредок во животната средина: Воздухот, водата, отпадот, климата надвор од интересот на власта

Државата каска во имплементирањето на регионални центри за третман на отпадот и покрај тоа што добива пари од ЕУ, а општинските комунални претпријатија не работат ефикасно. Властите не направија напор да ги донесат законот за вода и за клима, да ги заштитат Охрид, Матка и Маврово, ниту пак да ја подобрат состојбата со неефикасната и неквалификувана јавна администрација, стои во најновиот Извештај за напредокот на Македонија на европскиот пат, што го објави Европската Комисија.

Животната средина и минатата година била на маргините на интересот на властите, а извештајот за Поглавјето 27, нотира дека нема напредок во речиси сите области, законодавството, третманот на отпадот, водите, воздухот, климатските промени и природата, пренесува агенцијата Мета.мк.

Властите не направија напор да го донесат законот за вода, кој се одложува со години, иако тој е неопходен за да се усогласиме со европските Директиви за рамковни води и подземни води. Извештајот вели се уште испуштаме непречистена отпадна вода и си ги загадуваме реките. Се влечкаат и процесите на прогласување на заштитени подрачја од големо значење, како што се Охридското Езеро, Студенчишко Блато, Кањонот Матка и повторното прогласување на Националниот парк Маврово, а мижиме и пред нивната узурпација и бетонизација.

Извештајот вели дека земјава нема напредок во областа на климатските промени и дека треба итно да го усвои долгоочекуваниот закон за клима  за да се воведе данокот на јаглеродот. Македонија не започнала истраги за еколошки кривични дела, на пример за нелегалното отстранување на опасен отпад, и покрај тоа што новиот Кривичен законик е во сила повеќе од една година. Темата за јавната администрација и нејзиниот капацитет и годинава е дел од извештајот на Европската Комисија. Тој вели дека постои недоволен капацитет и недостаток на квалификуван персонал што работи на прашања поврзани со животната средина во јавната администрација.

Според извештајот и мониторингот на животната средина не ги исполнува стандардите на ЕУ, а Архускиот центар не е целосно оперативен и обезбедува застарени податоци и информации.

„Земјата се соочува со дополнителни одложувања во воспоставувањето регионален систем за управување со отпад низ целата земја. Не е постигнат опиплив напредок во североисточниот и источниот регион, и покрај значајната финансиска помош што е обезбедена. Процесот сè уште е засегнат од недостатокот на посветеност од локалните власти, како и од слабите меѓуинституционални односи и донесување одлуки“, се вели во извештајот.

Во врска со заштитата на природата, законите што се усогласуваат со Директивите за живеалишта и птици и законодавството CITES сè уште не се усвоени. Не е постигнат напредок во усогласувањето на Директивата за зоолошки градини, а зоолошките градини немаат капацитет за зачувување на биолошката разновидност. Сè уште не е основана ниту посебна институција за заштита на природата, а не е функционален ниту Националниот информативен систем за биодиверзитет.

„Во однос на индустриското загадување и управувањето со ризици, несреќата од март 2025 година во рудникот за олово и цинк Тораница, што резултираше со загадување на Крива река со опасни супстанции, откри сериозни празнини во спроведувањето и недостаток на подготвеност и протоколи од страна на властите за справување со вакви инциденти“, стои во извештајот.