„МакеДокс“ ќе промовира ВОД-платформа на Берлинскиот филмски фестивал

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, во склоп на европскиот филмски маркет на Берлинскиот филмски фестивал, на 18 февруари ќе ја промовира новата ВОД (видео на барање) платформа.

Платформата, како што соопштија од „МакеДокс“ има за цел да ѝ понуди можност на европската публика во наредните две години да погледне повеќе од 70 документарни филмови од автори во подем.

„Таа ќе ги промовира висококвалитетни европски документарци за да го зајакне нивното присуство во интернационалите маркети.
Исто така, ќе содржи и посебен дел наменет само за професионалци од филмската индустрија во Европа. Во овој дел, кој ќе има ограничен пристап за индустријата, ќе бидат поставени дополнителни 100 документарни филмови од автори во подем и млади
автори, кои ќе бидат понудени на дистрибутери, фестивалски селектори, ТВ и ВОД-платформи. На овој начин ќе се овозможи поголема достапност кон документарната индустрија и поголема видливост на талентите“, велат оттаму.

Инаку, платформата претставува една од активностите на мрежата на фестивали „Doc Around Europe“, чиј основач е „МакеДокс“ заедно со „Docs Barcelona“ од Шпанија, „FIPADOC“ од Франција, „DOK.fest Munich“ од Германија и „Verzio“ од Унгарија. Преку активностите на мрежата, „МакеДокс“ има за цел да го промовира балканскиот документарен филм.