Мајкрософт отпушта 10.000 работници

Компанијата Мајкрософт почна да отпушта 10.000 работници, што е речиси пет проценти од вкупната работна сила, пренесува Радио Слободна Европa.

Тоа е, како што се наведува, одговор на „макроекономските услови и промените во приоритетите на корисниците“, според документацијата доставена до надлежното американско регулаторно тело.

Компанијата вели дека штотуку ги известила работниците за отпуштањата, од кои некои почнале веднаш.

Најавени се и промени во хардверското портфолио на компанијата и консолидација на локациите каде што изнајмуваат канцеларии, што исто така значи и намалување на активностите.

Во мејл испратен до вработените, главниот извршен директор на Мајкрософт, Сатја Надела наведе дека отпуштањата опфаќаат „помалку од пет проценти од вкупната база на вработени“ и дека „до некои денес биле испратени известувања“.

„Иако ги елиминираме работните места во некои области, ќе продолжиме да вработуваме во клучните стратешки сектори“, напиша Надела, укажувајќи на важноста од создавање „нова компјутерска платформа“ со помош на напредокот во вештачката интелигенција.

Според него, корисниците на услугите на компанијата, кои трошеле се повеќе и повеќе на дигитална технологија за време на пандемијата со коронавирусот, сега се обидуваат да ги „оптимизираат своите дигитални трошоци за да постигнат повеќе со помалку“.

„Гледаме и дека организациите во сите економски гранки и сите географски области покажуваат претпазливост, имајќи предвид дека некои делови од светот се во рецесија, додека други делови од светот тоа го очекуваат“, напиша Надела.

И други технолошки компании како Амазон, Твитер и Мета го намалуваат бројот на вработени, бидејќи се загрижени за негативните економски трендови во САД и во светот.

Твитер започна со отпуштање работници