Мајките ќе протестираат пред Влада поради укинувањето на продолженото породилно отсуство

Утре (17 септември) пред Владата е најавен протест поради владината одлука за укинување на правото на продолжено породилно отсуство, во време на пандемија. Протестот го организираат мајките, со цел да ја убедат Владата да ја прифати предлог одлуката на Комисијата за заразни болести оваа категорија на родители да останат дома до 31 декември оваа година.

„Во време кога Светската здравствена организација предупредува за нов есенски бран на заразени од Ковид – 19, кога прогнозира за зголемување на бројката на заразени и смртни случаеви Владата на Република Северна Македонија носи скандалозна, непромислена одлука да го укине продолженото породилно отсуство ризикувајки го здравјето и животот на најмалите, најкревките, оние со неоформен имунитет – бебињата.
И покрај предлогот на Комисијата за заразни болести породилното отсуство да биде продолжено, и покрај секојдневните апели на познати наши педијатри и неонатолози дека отварањето на градинките би било катастрофален потег, и покрај искуствата на многу земји каде бројот после отварање на градинките и школите драстично порасна, нашата Влада нема слух за истото и со оваа одлука докажа дека здравјето на нашите деца не е нивен приоритет, докажа дека нашите деца се експериментални глувци за нив.

Ние, мајките на породилно отсуство, мудро молчевме и се надевавме дека Владата ке донесе разумна одлука за продолжување на породилното отсуство но истата ја изневери нашата доверба..

Согласно вчерашната донесена одлука која не става пред свршен чин бидејки стотици деца се одбиени од градинките заради новите протоколи, заради краткиот рок што не ни дозволува и на тие што се примени да го пројдат задолжителниот период на адаптација и најважно од се илјадници деца со чиј живот не би експериментирале“, стои во најавата за протестот.

Со протестот се бара продолжување на породилното отсуство до 31.12.2020 година, за што беше креирана и онлајн петиција која ја потпишаа над 3200 мајки.

Апел до Владата да ја преиспита одлуката за враќање на работа и од породилно на родителите на деца до 10 години испрати и Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

„Во услови кога сè уште не се јасни начините како ќе се продолжи образовниот процес, бројките на заразени случаи сè уште немаат тренд на опаѓање, изменети услови на учење без разлика на изборот – со физичко присуство или онлајн, сметаме дека одлуката е неконзистентна со претходните одлуки и премногу е краток рокот за да им се овозможи на родителите соодветно да се организираат“, велат од „Меѓаши“.

Тие наведуваат повеќе причини поради кои се загрижени за добробитта на децата:

– На децата на училишна возраст, особено на првачињата им е неопходно присуство на еден родител и во случај на онлајн настава, и во случај на посета на наставата со физичко присуство. Со оглед на најавеното скратено времетраење на часовите децата ќе поминуваат значително помалку време на училиште и поради работниот ангажман на своите родители може да се најдат во ситуација сами да поминуваат повеќе саати во своите домови, се до враќањето на нивните родители.

– Имајќи ги предвид малиот капацитет на предучилишните установи, како и протоколите со кои дополнително се ограничува бројот на деца по група, неизвесно е дали сите деца чии родители се работно ангажирани ќе можат да бидат навремено примени во градинка.

– Прашањето на континуирана и квалитетна грижа за децата, безбедноста, менталното здравје и нивната благосостојба е оставено неодговорено, нема понудено решение од страна на Владата за надминување на оваа состојба.

– Стресот предизвикан кај родителите со оваа нагла одлука со рок на спроведување од една седмица ќе има последици врз севкупниот семеен живот што пак ќе се одрази повторно на децата.

Во понеделникот, Владата на седница ја укина мерката за ослободување од работа на родителите на деца до 10 години и донесе одлука дека тие ќе мора да се вратат на работа до 23 септември. Истовремено, го прекина продолженото породилно отсуство и донесе одлука за зголемување на бројот на децата во јасли, од 6 на 12 деца во група.