„Продавам стан на Водно, со потенцијал до Центар“
Ова беше еден од транспарентите кој пред неколку години се појави кога група граѓани протестираа за сѐ поголемата урбанизацијата на Водно и, оттука, можните свлечилишта од планината под која живее скоро пола Македонија.
Транспарентот повторно стана актуелен откако деновиве имаше ново лизгање на земјиштето на Водно, на улиците „Белградска“ и „Партеније Зографски“. Лизгањето претставува потенцијален ризик за околните објекти и делови од Клиничкиот центар, поради што се одржа итен координативен состанок на кој учествуваа претставници на Општина Центар, ЦУК, ДЗС, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, МВР, ИЗИИС, Град Скопје, Градежен факултет и Министерство за транспорт и врски.
„Разгледна е состојбата на терен, ризиците по околните објекти и потребата од итно преземање мерки за стабилизирање на критичната зона. Договорено е заедничко координирано дејствување, засилен надзор и изработка на ургентен план со цел спречување на понатамошно лизгање на земјиштето. Заклучоците од состанокот ќе бидат официјално проследени до Владата за натамошно постапување“, соопштија од ЦУК.
И од Општина Центар потврдија дека до Владата се поднесени заклучоци за итно преземање мерки за санација на свлечиштето и регулирање на атмосферските води.
„Констатирано е дека уште во 2022 година Град Скопје бил задолжен со записник од ЦУК да изработи проектна документација за прифаќање на атмосферските води од Водно, со цел да се реши проблемот со одводнување на сливните води од падините на Водно“, рекоа од Центар.
Стручните служби дополнително посочија дека за стабилизација на свлечиштето мора да се изгради потпорен ѕид, а бидејќи локацијата каде што треба да се изведуваат градежни работи се наоѓа на приватен имот, ниту една институција, вклучувајќи ја и Општина Центар, не смее да спроведе такви активности без соодветна одлука од Владата.
Од иницијативата Шанса за Центар реагираа – „одговорноста има име и презиме“.
„Да ги потсетиме сега загрижените институции дека секој урбанистички план поминува на одобрение кај секоја од нив поединечно и дека последиците се резултат на погрешни урбанистички решенија за кои се дадени позитивни мислења. Шанса за Центар со години зборува за непочитување на мерките за заштита и спасување во плановите и за планирање кое не загрозува и прави неквалитетни и небезбедни услови. Промената е можна, со политичка воља, но и со повикување на одговорност на сите чинители во процесот, од планерите до секоја институција и секој градоначалник поединечно“, нагласија оттаму.
Експерти и активисти со години укажуваат дека лошото градење на Водно предизвикува ерозија на земјиштето кое при поројни дождови и други природни непогоди може да ги затрупа населбите под планината. Особено што урбанистичкиот дел на Скопје интензивно навлегува во „срцето“ на Водно.
Една таква поплава одзеде и човечка жртва во 1951 година. Поплавата беше вистинска закана за околните куќи и секако за Клиничкиот центар, чии магацини биле преплавени во висина до 1.5 метри. Речиси целосно бил уништен и паркот на болницата. Кај Мала станица биле донесени околу 20.000 метри кубни нанос.
Уште тогаш една од мерките за да не се повтори ова беше масовното пошумување на Водно. Но, Водно оттогаш беше исечено со стотици разни куќи, објекти, со патот до Сончев град, со гасоводот кој ја проби планината, но не се изгради…
Гасоводот и пошумувањето на Водно закочени, активистите лути на нивото на заштита на Парк-шумата
Поради штетите од гасоводот имаше планирано и државен буџет од околу 700.000 евра. Тие пари легнаа на сметка на Град Скопје, но никогаш не отидоа за пошумување на Водно.
Град Скопје прави вело-патеки и реквизити на Водно, планираното пошумување во застој
Бојан Шашевски



