Радио МОФ издвои различни подкасти, стари и понови, кои може да се преслушуваат додека на учениците им трае распустот, или сите други – додека се дома за време на празничниот период.
Уметност, медиумска писменост, органско производство, ментално здравје, активизам… Има разни теми, за секој по нешто:
– – – – – – – – – –
Преку интересна паралела помеѓу приготвување торта и создавање на една дезинформација, Александра Теменугова од ИКС објасни што значи овој феномен во медиумскиот свет и како тој може да влијае во општеството.
Во подкастoт „Skills that pay the bills“ презентиравме органскo и одржливo производство, наградени идеи и бизниси кои го задржуваат балансот со природата, за да им овозможат на граѓаните поздрав живот. И тоа го прават мисионерски, без помодарски побуди.
За состојбата во музичката индустрија и за тоа како пандемијата со коронавирусот се одрази врз музичарите, разговаравме со Димитар Савески, фронтмен на охридскиот металкор бенд „Hardfaced“.
Нашиот водител Цако своја емисија посвети на бебето Ангел, но разговараше и со Денис Јанкуловски – Космонаутко за неговата улога во пандемијата.
Подкастот е посветен на напуштени и заборавени простори, како потенцијал за колективен ангажман и за нови, неискористени можности за заедницата.
Во третата епизода од подкастот #ШтоТиТежи, Ивона Минчевa и Симона Стојчевска од Иницијативата S.H.A.R.E. зборуваа за потребите и емоциите, и важноста од нивно препознавање и прифаќање.
Инспирирани од случајот „Јавна соба“, зборуваме за тоа колку младите се едуцирани за да се справат со сајбер булингот, зошто се случи „Јавна соба“, но и дали може да биде сопрена.
Може ли да се штеди и да се ужива? На ова прашање, во епизода на „Што е муабетот со…“ разговаравме со Ангела Игновска, студентка по менаџмент во Словенија. Таа преку својот Инстаграм профил „Мои финансии“ им помогаше на граѓаните да си ја подобрат финансиската состојба.
Ако решите да цртате, или да се бавите со уметност како стрип, графити, илустрации, тогаш тоа правете го посветено, со сето срце и за свој кејф. Во подкастот зборувавме со Брадестиот Џо од „Сеир и ништо“, младиот стрип уметник Никола Панов, Ѓорѓе Јовановиќ и Руки Чуки.