Лицата со посебни потреби повторно ќе спијат пред Собранието, за власта да го види нивниот проблем

Веќе се поставија шаторите во кој и овој викенд, втор месец по ред, лицата со посебни потреби и нивните родители ќе кампуваат спроти Собранието на Република Македонија. Според нив, целта е да останат во фокусот на јавност и проблемите со кои се соочуваат да станат приоритет на новата Влада.

Граѓанската иницијатива „5ДО12“, која е организатор на протестниот камп кој ќе трае до понеделник, најавува повеќе работилници, перформанси и активности кои ќе се случуваат за време на нивниот престој во „Жена Парк“.


Иницијативата е поддржана од преку 30 здруженија на граѓани и неформални групи од цела Македонија, кои претставуваат различни категории луѓе со попреченост, хендикеп или посебни потреби. Барањата остануваат зголемена социјална и здравствена заштита за оваа категорија граѓани.

„Повторно ќе им се обратиме на надлежните институции – да дојдат, да не видат, нас и нашите деца и заедно да разговараме за решенијата кои се однесуваат не само на нашите деца, сега и овде, туку и на сите следни генерации. Еднаш веќе покажавме дека можеме и сами да се организираме и да се мобилизираме и да собереме преку 30.000 потписи за поддршка на Иницијативата 5ДО12“, напиша на својот фејсбук профил Зоран Мијалков, еден од иницијаторите на кампот.

Фотографиите се преземени од фејсбук профилот „5ДО12“