Фонд за здравствено осигурување на Македонија во координација со Министерството за социјална политика, демографија и млади воспостави преодно решение за евидентирање на правото на ослободување од плаќање партиципација за лицата со попреченост, со цел тие непречено да ги остваруваат своите права од здравственото осигурување.
Од Фондот информираат дека согласно предвидениот систем, податоците за лицата со попреченост кои се ослободени од партиципација треба електронски да се доставуваат од системот на Министерството и автоматски да се евидентираат во електронската база на Фондот. Сепак, поради моментална техничка неможност овие податоци да се пренесуваат по електронски пат, институциите воведоа привремено административно решение.
Според ова решение, лицата со попреченост ќе добиваат решение за ослободување од плаќање партиципација издадено од Министерството, односно од надлежните центри за социјална работа. Осигурениците потоа треба да го достават тоа решение до подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување според местото на живеење.
По приемот на документот, службените лица во Фондот веднаш го внесуваат податокот во електронскиот систем „Мое осигурување“. Со тоа, ослободувањето од партиципација станува видливо за сите јавни и приватни здравствени установи и аптеки кои имаат пристап до системот.
Од Фондот посочуваат дека електронската евиденција во системот „Мое осигурување“ претставува официјална основа врз која здравствените установи и аптеките се должни да постапуваат.
Преодното решение ќе се применува сè додека Министерството не воспостави целосна електронска размена на податоци со системот на Фондот, по што евиденцијата ќе се врши автоматски.
Од институцијата нагласуваат дека остануваат посветени на подобрување на пристапот до здравствена заштита и на обезбедување непречено остварување на правата на сите осигуреници.



