ЛГБТИ барателите на азил се соочуваат со двојна дискриминација низ Европа, покажува нов извештај

Ситуацијата со ЛГБТИ барателите на азил во повеќе европски држави е полна со проблеми и многу од овие лица се соочуваат со двојна дискриминација, алармира нов извештај на Меѓународната асоцијација на лезбејки, хомосексуалци, бисексуалци, транссексуалци и интерсексуалци (ИЛГА).

Овие лица се соочуваат со специфични проблеми и неправди дури и во земји кои котираат високо според позитивните ЛГБТ законски регулативи.

Од ИЛГА велат дека ЛГБТИ барателите на азил се соочуваат со двојна дискриминација во Данска, Естонија, Франција, Германија, Грција, Малта, Холандија, Португалија, Шпанија, Шведска и Велика Британија.

Во Данска активистите документирале случаи во кои транс баратели на азил немале пристап до транс-специфично здравствено осигурување, или пак биле малтретирани, додека невладини организации во Шпанија предупредуваат за дискриминација и насилство на кое се подложни ЛГБТИ барателите на азил и недостаток на пристап до социјални и здравствени услуги.

Германија е означена како држава со небезбедна пракса на спроведување истраги за барателите на азил во нивните матични држави и откривање на нивниот родов идентитет.

Неколку други држави, меѓу кои и Франција, Малта и Грција добија критики за ставање на несигурни држави за ЛГБТИ лицата на нивните листи на „безбедни држави“ во кои се враќаат барателите на азил по неуспешни апликации за азил. Грција, а пример, во моментов ја смета Турција како сигурна држава за враќање на ЛГБТИ барателите на азил и покрај тоа што ИЛГА ја рангира оваа земја како трета најлоша во Европа според заштита на правата на овие лица.

Малта и Шведска, пак, се издвојуваат поради нивните политики со кои се отежнува барателите на азил да најдат работа, со тоа што Малта оневозможува овие лица, кои доаѓаат од „безбедни држави“ да работат првите девет месеци по нивното пристигање во земјата, додека скандинавската држава донела нови закони со кои за бегалците се доделува привремена дозвола за престој што го отежнува процесот за добивање на постојана дозвола за престој во земјата.

„Ширењето на анти-ЛГБТИ реторика која е истакната во овој извештај има големо негативно влијание на животот на луѓето. Од земја во земја гледаме како тоа негативно влијае на менталното здравје на луѓето и нивното чувство за безбедност, нивниот пристап до работа и можноста за потребната законска заштита. Во овој момент важно е да ги потсетиме политичарите, медиумите, научната заедница, па дури и граѓанскиот сектор, дека животите на реални луѓе се во ризик во секоја држава од регионот поради политичко жигосување на ЛГБТИ лица“, наведуваат од ИЛГА.

Извештајот на ИЛГА покажува дека генерално во 2021 година имало пораст на анти-ЛГБТИ реториката од властите, што поттикнало бран на криминал од омраза во секоја земја во Европа, а не само во Унгарија и Полска кои добија доста критики од Европската Унија поради нивните нови закони за кои овозможија воспоставување „зони без ЛГБТ“.

ИЛГА посочува дека најниската точка била на 15 јуни кога Унгарија воспостави нова регулатива со која се забрани „портретирање или промоција на родов идентитет различен од полот на раѓање, промена на пол и хомосексуалност“ за лица под 18 години.