Левица: Постои „вин-вин“ решение за Југохром, доколку има политичка волја

Откако македонската влада ја продолжи забраната за работа на фабриката Југохром и по протестите на вработените во овој индустриски капацитет, од партијата Левица порачуваат дека со политичка волја можни се решенија за проблемите кои ниту ќе ги трујат тетовци, ниту ќе ги остават работниците без работа.

„Ако власта е подготвена да ги чека (до недоглед?) газдите на „Југохром“ да ги исполнат еколошките стандарди за производство, тогаш на работниците кои останале без работа да им обезбеди паричен надомест за периодот до рестартирањето на фабриката. А, доколку газдите на фабриката упорно одбиваат да се потчинат на еколошките стандарди за производство, со изговор дека тоа било нерентабилно, да инвестира државата, а тоа да се компензира со соодветен сопственички удел на државата во фабриката“, порачуваат од Левица.

Тие додаваат дека ја поддржуваат борбата на работниците од „Југохром“ за обезбедување егзистенција за себе и за своите семејства, но истовремено ја поддржуваат и борбата на граѓаните на Тетово и другите населени места во Македонија, за чист воздух.

„Само привидно овие две борби се спротивставени една на друга, бидејќи газдите на „Југохром“ успеаја во заштита на својот стремеж за што повисок профит да ги впрегнат работниците, кои се борат за гола егзистенција“, соопштуваат од партијата.