Лекарска комора: 78% од докторите биле изложени на насилство на работното место

Според анкета на Лекарската комора, дури 78 отсто од докторите во Македонија биле изложени на некаков вид насилство, од кои 80 отсто на вербално и 6,8 отсто на физичко насилство, информираат денеска оттаму, по повод 12 Март, Европскиот ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници.

Претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, смета дека кога еден лекар е нападнат вербално, физички или преку социјалните мрежи, не страда само поединецот, туку целиот систем и пациентите кои чекаат помош.

„Ние докторите не сме ваши непријатели, напротив, докторот е тој кој се бори за вашиот живот, во различни услови. Насилството и агресијата не се решенија за системските недостатоци “, изјави Гривчева Старделова.

И покрај измените на Кривичниот закон во 2023 година со кои нападот врз медицинско лице се третира како напад врз службено лице, очекуваните резултати изостануваат бидејќи речиси 70 отсто од нападите воопшто не се пријавуваат поради сложените процедури или перцепцијата на докторите дека тоа е дел од нивната работа.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, по Законот за здравствена заштита, лани се поднесени две кривични пријави за кривично дело „напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност“ за кои се пријавени тројца сторители. Едно дело се случило во Скопје, за кое се пријавени двајца сторители и едно дело во Штип.

Проф. д-р Карди Хаџихамза, член на Извршниот одбор на Комората, како психијатар предупредува на сериозноста на последиците по докторите од нападите.

„Последиците од насилството врз докторите се сериозни и вклучуваат психолошки стрес, анксиозност и прегорување, што многумина ги принудува да размислуваат за напуштање на професијата или заминување во странство, што дополнително го слабее здравствениот систем. За спречување на овие појави, неопходно е здравствените установи да воведат подобри безбедносни мерки – како обезбедување и видеонадзор, но и да се работи на подобрување на комуникацијата помеѓу докторите и пациентите и на едукација на пациентите“, истакна проф. д-р Хаџихамза.

Лекарската комора инсистира на брза институционална разрешница на секој инцидент и стопирање на дигиталниот линч врз лекарите, истовремено апелирајќи за подобрување на условите за работа преку зголемување на персоналот и подобра организација.

Подобрите безбедносни мерки, според членовите на Лекарската комора, треба да опфатат поголемо присуство на обезбедување, системи за видеонадзор и јасни протоколи за реагирање во случај на агресија. Исто така, треба да се работи на подобрување на комуникацијата меѓу докторите и пациентите.

„Кога пациентите се добро информирани за својата состојба и за процесот на лекување, нивото на недоверба и фрустрација се намалува. Во едукацијата на докторите треба да се посвети повеќе внимание на развој на комуникациски вештини. Исто така, се потребни и едукативни јавни кампањи за пациентите кои ќе ја подигнат свесноста за потребата од  почит кон здравствените работници и ќе придонесат за создавање на култура на меѓусебна почит’, велат во Комората.

Meta.mk