Од сите популарни бендови на светот, само на Лајбах им успеа да договорат гостување во милитарниот комунистички рај на Врховниот водач Ким Џон-ун, Северна Кореја. Мортен Траавик, норвешки режисер кој им ја договори „тезгата“ и подоцна од гостувањето го сними документарецот „Ден на ослободувањето“ (Liberation Day), за хрватските медиуми открива нешто од сложените преговори со властите за тоа што требало да изведуваат.
„Секако дена не им го покажав целиот каталог на Лајбах. Тоа беше ограничен репертоар. На крајот, пристојно аплаудираа, но не се осудувам да кажам дека им се допаѓаше, едноставно не разбираа. Да ти биде првата средба со рок музиката во животот со Лајбах, е како да ја изгубиш невиноста со Ханибал Лектер“, објаснува. Но, додава дека на некои од младите им се допаднало.
Вели и дека Северна Кореја многу вложува во културата, и тоа на технички високо ниво. Но, таа служи како украс на режимот, па или е кич, или се работи за чиста пропаганда на режимот. Отпрвин, човек би можел да се изненади од тоа што воопшто немале проблеми во текот на контролата на цензорите задолжени за нив.
„When we all give the power, we all give the best… Тоа и се стихови за една таква земја“, ја опишува типично „лајбаховската“ ситуација на односот со еден тоталитарен режим. Изненадувањето дошло на место на кое не го очекувале, во моментот кога го слушнале гласот на Милан Фрас. Траавик, кој е фан на Лајбах од 80-тите, прв признава дека тоа не е особено убав глас.
„Ме прашаа: ’„Дали навистина мора да го имаме и него?’ За да го задржам него морав да се борам. Но, на крај ги придобив така што кажав дека тој е нашиот „голем водач“, и на тој начин надлежните во Пјонгјанг го разбраа концептот фронтмен на бендот“.
Сè останато е историја. Секако дека гостувањето во Јужна Кореја поминало со неспоредливо помалку чудни моменти. Сепак, јасно било дека многумина ги гледале попреку, бидејќи настапувале на север, во земјата со која службено се во војна речиси 70 години.
„На премиерата на „Liberation Day“ дојдоа секакви дипломати од различни амбасади. Во Виена, на пример, само од јужнокорејската амбасада дојдоа дури четворица и постојано нешто запишуваа во црни книшки“, опишуваат од Лајбах. На прашањето, каде е Лајбах политички, Иван Новак одговорил: „Таму каде што злото моли за милост“.
Иван Новак од Лајбах на Engage ќе зборува за искуството на западниот бенд во Северна Кореја
„Не само политички, туку и во секој поглед“, вели Новак. Во двете години од концертите во Северна и Јужна Кореја, САД добија нов претседател, политичките кризи се уште повеќе влошени и во Европската унија, но и на Балканот. Новак вели дека затоа Лајбах постои како „100 години да владее мир, но подготвени се и утре да избие војна“. Многу нешта се случија во меѓувреме.
„Се случи демократија, или уште подобро, демократска диктатура, што е уште еден доказ дека демократијата како таква не гарантира нужно подобра или постабилна иднина. И Хитлер дојде на власт со помош на демократијата. Вестите се забораваат уште наредниот ден поради презагушеноста со информации. До публиката се пробива само екстремистичкото жолтило кое потоа националистички метастазира. Ниту Европа, ниту Балканот, ништо не научија од војните на овие простори, што се виде и во војните во Либија, Сирија, Ирак и Украина, како и во неверојатната неподготвеност на ЕУ да ја реши имигрантската криза. Тешко е да се верува во нова војан во ЕУ или на Балканот. Но, во тоа никој не веруваше ни претходниот пат“, додава Новак.
Уште од самите почетоци, јавноста беше збунета со Лајбах, во Југославија, на Западот и во двете Кореи. Ги обвинуваа и дека се криптонацисти. Постојат веќе 34 години.
На прашањето зошто ваквите кризи раѓаат луѓе како Трамп, Орбан или Ле Пен, зошто раѓаат национализам, антипросветителство, страв, ксенофобија, наместо демократска левица – Лајбах одговараат жестоко.
„Денес левицата е исклучиво во доменот на интелектуалните мастурбатори и квазимарксистички филозофи, кои имаат повеќе заедничко со помодарските „yippies“. Повеќето се промовираат самите себе и бесно ги мразат останатите. Последната здрава левица, во состојба да ги здружи широките маси, порасна од кризата во Грција, но и набргу исчезна. Во тој момент десницата на гласачите им нуди и традиционална, но и примерно трансформирана, левичарска програма. Слично како и „социјалистите“ Мусолини и Хитлер“.
Денес сепак постои можност поради потезите на Трамп во САД, да се засили граѓанското левичарско движење, воглавно собрано околу Сандерс. Ако тоа успее, таа енергија ќе се пресели и во Европа, велат Лајбах.
За спомените од Северна Кореја, раскажуваат дека имале туристички водич низ Пјонгјанг, но не постојано. Биле свесни дека се сведоци на илзогот на режимот кој внимава на „впечатокот на западната декадентност“. Градот е убав, чист, уреден…
„Изгледа поп-артистично, како да е целиот дизајниран од Џен Кунс“, опишуваат. „Поседувањето и одгледувањето на канабис е всушност дозволено“. Истото го потврдува и Траавик.
„Патријархални се и конзервативни околу сексот. Пијат како сунѓери, пушат како фабрика. Никој нема да ти каже ништо ако пијан се шеташ по улица, но ако многу се напиеш и го опцуеш Ким ил-сунг, може да завршиш и на стрелање. Но, за тоа треба да си вистински пијан. Или суицидален“, опишува.
Воените паради, постојаната закана со воено разорување, логорите, до крајот на 90-тите и гладот, сето тоа вели Траавик, е факт во оваа земја. Но, приватниот живот сепак постои.
„Во 90-тите веројатно им се заканувала смртна казна за музиак или филмови од југот. Јужнокорејските филмови и сега би биле незгодни, но не до толку. Кога патував таму, некои ме прашуваа дали нареден пат би можел да им го донесам „Титаник“, или нешто од Клинт Иствуд“, вели тој.
Тој ја опишува земјата со една изрека од Студената војна за СССР, „секој кој на Кремљ му тврди дека знае сè, или лаже како пес или е будала“. Во владејачката Работничка партија постојат и такви кои денес би убивале за Ким Ил-сунг, но и такви кои се во состојба да си замислат демократија.
Кога го прашале дали знае дека Северна Кореја има своја веризја на „Титаник“, Траавик рекол дека не знае.
„Но, не се сомневам дека се потрудиле да направат барем еден метар подолга верзија на бродот, од оној од холивудскиот филм“, завршува.