„Ла Кања“ го започнува четвртиот живот

Откако „Ла Кања“ направи „фајронт“ и го затвори локалот во Старата скопска чаршија, сега најавува журка за рестартирање на култниот клуб – на нова локација.

„Како и секоја чаршиска мачка и ‘Ла Кања’ има повеќе животи, еве не’ на почеток на четвртиот. На ваше барање и наша голема радост, продолжуваме со тоа што го правиме веќе 10 години, подновени и освежени во нова „Ла Кања“ приказна (на истата улица, 15 метри погоре)“, стои во најавата за настанот во новата „Ла Кања“.

Новата локација се отвора овој петок (утре, 8 ноември) од 21 часот со настап во живо на „Mammoth & Yashem“ плус свечен диџеј сет.

„Ла Кања“ е место каде долго време, на различните локации, се случуваат алтернативни музички настани, свирки, перформанси, проекции, промоции, тематски сетови и претставува свртувалиште на алтернативци, уметници и разни супкултурни луѓе.