Објавени резултатите за прием во средно – Квалификациски тестови ќе има во четири училишта

Во три средни училишта од здравствена, и едно од гимназиска струка, во понеделник (22 јуни), ќе има квалификациско тестирање за прием. Во нив се пријавиле поголем број ученици, со ист број поени, од предвидениот број ученички места. Испит за струката медицинска сестра ќе има во СУГС „Панче Караѓозов“ Скопје, СОУ „Димитар Влахов” Струмица и во СОУ „Ѓорче Петров” Прилеп. Квалификационен тест ќе полагаат и дел од учениците кои конкурираа за прием во скопската гимназија „Орце Николов“.

Во СУГС „Панче Караѓозов“ Скопје ќе полагаат учениците кои се пријавиле за настава на албански јазик на смерот медицинска сестра. Во ова училиште тестови ќе полагаат 166 ученици со проесек 5.00 или 75 бодови бидејќи според конкурсот, има место за 102 ученика во три паралелки.

Во СОУ „Димитар Влахов” Струмица има место за 34 ученици во една паралелка на македонски наставен јазик, за смерот медицинска сестра, но се пријавени 39 ученици со 75 бода.

И во СОУ „Ѓорче Петров” Прилеп има место за 34 ученици за смерот медицинска сестран на македонски наставен јазик, а се пријавиле 44 ученици со по 75 бода.

Овие ученици во понеделник ќе полагаат испит по два предмети, биологија и хемија.

Тест по англиски јазик пак ќе полагаат 145 ученици кои имаат по 75 бода, а конкурирале за прием во билигвалните паралелки по англиски јазик во скопската гимназија „Орце Николов“. Овде место има за 136 ученици, во 4 паралелки. Тестирањето ќе се спроведе интерно, во самото училиште.

Квалификационите тестови за сите ученици почнуваат во 10 часот. Од училиштата замолуваат учениците кои ќе се тестираат, да пристигнат во училиштето 30 минути пред назначеното време, за да започне тестирањето навреме.

Со себе треба да носат документ за лична идентификација, заштитна маска, пенкало и шишенце со вода и да ги следат насоките од одговорните редари во училиштето. Тестирањето ќе се врши според владините протоколите и препораки поради тековната пандемија од новиот коронавирус.

Испити за упис во средно во време на пандемија