Испити за упис во средно во време на пандемија

Денеска по 16 часот ќе се знае во кои кои средни училишта ќе се полагаат квалификациски тестови за упис во средно образование. Ова е последен  ден за поднесување документи за упис, а како што дознава Радио МОФ, во две скопски средни училишта веќе има пријавено поголем број ученици кои имаат ист просек, поради што ќе биде потребно спроведување квалификациски испити. Според резултатите од нив, потоа ќе се одлучи кој ученик ќе биде запишан, а кој одбиен. Полагањето на тестовите е најавено за понеделник, 22 јуни.

БРО: Тестовите се спремни

Од Бирото за развој на образование велат дека тестовите за приемните квалификациски испити за упис во средно образование се веќе подготвени од нивна страна. Испитите, додаваат, не се задолжителни, се одржуваат само ако има потреба од нив.

„Непосредно пред испитите, тестовите ќе бидат доставени до Министерот за образование и наука за да не дојде до евентуално пробивање на истите“, уверуваат од БРО.

Оттаму појаснуваат дека тестовите се во хартиена верзија и се пополнуваат со пенкало во сина боја, а испитите треба да се реализираат врз основа на безбедносни протоколи кои треба да ги подготви Министерството за образование и наука. Прашањата на тестовите се од различен тип. За дел од нив ќе треба пишувања, а дел се прашања со повеќе член избор.

МОФ: Квалификациското тестирање за упис во средно е проблематично

Од Младински образовен форум истакнаа дека постојат повеќе проблематични делови во организирањето на квалификациските тестови. Сметаат дека идното образование и здравствената безбедност на средношколците не смеат да бидат предмет на несоодветно справување со состојбите.

Реагираат дека има тесна временска рамка за подготовка на учениците, проблем кој се појави и во минатата учебна година, при што од моментот на објавата на првичната ранг листа во училиштата учениците имаат нецели три дена да се подготват за двата теста.

„Дополнително отежнување е тоа што учениците во текот на последното полугодие учеа во вонредни услови, односно за прв пат се спроведуваше далечинско образование, кое по квалитетот и интензитетот беше различно од образованието на учениците годините наназад. Имено, од месец март 2020 година, поради здраствената пандемија, учениците и професорите за прв пат се најдоа пред предизвикот да ја спроведат учебната година од далечина, иако за истото не беа подготвени наставниците и институциите, ниту пак се користеше воедначен пристап за спроведување на образовниот процес (особено ако погледнеме во руралните наспроти урбаните средини, или пак недостатокот на компјутери и опрема во семејствата со повеќе ученици)“, стои во реакцијата.

Проблем, велат, е тоа што полуматурантите веќе ги имаат вратено учебниците кои училиштата им ги даваат на бесплатно користење, за да го подигнат свидетелството за завршено деветто одделение, па се спремаат без учебници. Дополнително, укажуваат и дека спроведувањето на овие тестирања во ек на пандемија носи ризик по здравјето и дополнителен стрес.

„ Два тестови во еден ден (особено квалификациони), не смее да биде пракса во ниеден случај. Ова се избегнува во редовното тестирање во училишата, како во основно така и средно образование, дури и при полагањето на испити во високото образование. Мора да се има на ум дека за ученици кои штотуку завршиле основно образование, ова ќе претставува особено сериозен и стресен процес, за кој немаат начин да се подготват дури ни во услови кога испитите би биле најавени порано“, додаваат од МОФ.

МОН: Тестирањето започнува во 10 часот

Како што информираа од Министерството за образование и наука, во јавните средни училишта во кои се пријавени поголем број на ученици со ист број на поени од предвидениот број на ученички места во конкурсот за запишување ученици во средно образование за учебната 2020/2021 година, ќе организираат квалификационо тестирање со почеток во 10:00 часот.

Учениците кои се пријавиле за гимназиско образование (за сите подрачја) ќе бидат тестирани по наставниот предмет математика и по македонски, албански, турски, односно српски јазик, зависно од тоа на кој јазик ја следеле наставата во основното образование.

За учениците кои се пријавиле за здравствена струка (за сите образовни профили) ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија, исто така на јазикот на кој ја следеле наставата во основното училиште.

Конечните ранг листи со резултатите ќе се објават на 22 јуни 2020 година.

Протокол за полагање квалификациски испити 

За полагањето на квалификациските испити годинава ќе важат  протоколите донесени поради пандемијата на новиот коронавирус. Од МОН велат дека и за полагањето квалификациски испити, ќе важат постоечките протоколи за приемни испити во средните училиште, како што е математичката гимназија. Полагањето е во период од 10:00 часот до 17:00 часот. Притоа важат следните правила за организирање и спроведување на тестовите:

-Во средното училиште да се обезбедат сите санитарно-хигиенски услови

-Задолжително вршење на дезинфекција на клупите во просториите каде ќе се врши полагањето на учениците, прегледувањето на тестовите, разгледувањето на приговорите со дезинфекционо средство кое делува на вируси според упатство од производителот

– Користење на заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот од страна на сите
вработени во средното училиште

– Користење на заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот,од страна на сите
ученици

– Организирање на просторот во училниците со цел спроведување на редот и одржување на потребното физичко растојание меѓу учениците од минимум 2 метри, за присуство на максимум 10 ученици во една училница

– Организирање на редарска служба во средното училиште, со цел спроведување на редот и одржување на
потребното растојание меѓу учениците од минимум 2 метри пред и внатре во училиштето и тоа 2 редари пред
влезот на училиштето и 2 редари во училиштето. Редарите да се ангажираат од редот на вработените во
училиштето, за што одлучува директорот на средното училиште

– Поставување на ознаки со кои се означува правец на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учениците пред и внатре во училиштето

– Овозможување на влез само на ученикот, не и на неговиот родител, кој носи заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот, кои влегуваат во училиштето

– Задолжително носење документ за лична идентификација, математички прибор (молив, гума, шестар, линиар, пенкало)

– Забрането е користење на калкулатор и телефон

– Поставување на средства за дезинфекција на влезот во училиштето, како и пред и во просториите каде ќе се
врши полагањето на учениците, прегледувањето на тестовите, истакнувањето на прелиминарните резултати,
поднесувањето на приговори, разгледувањето на приговорите и објавување на конечните резултатите

– На крајот на секој ден задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси
според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини

– Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства

Ј.Ј.