Синдикатот на културата на Македонија најави протест што ќе се одржи во сабота пред Работничкиот дом во Скопје, поради, како што наведуваат, непочитување на Колективниот договор при пресметката на платите на вработените во културата.
Од синдикатот посочуваат дека културните работници со месеци се соочуваат со неправилна исплата на платите, што предизвикува незадоволство и несигурност меѓу вработените во институциите од културата.
Протестот ќе се одржи под слоганот „Протестираме за правда“, а од Синдикатот велат дека со оваа акција сакаат да укажат на потребата од доследно почитување на законските и договорните обврски кон културните работници. Тие нагласуваат дека нивното барање е едноставно – платите да се пресметуваат согласно Колективниот договор и законските прописи.
Поддршка за протестот најави и Сојузот на синдикати на Македонија, од каде што истакнуваат дека ќе застанат зад барањата на културните работници и ќе се приклучат на протестот. Од синдикатите порачуваат дека ќе продолжат со синдикални активности сè додека не се обезбеди фер и законска пресметка на платите во секторот култура.



