Културните работници протестираа за задоцнети и ниски плати, министерката тврди дека денес ги добиле покачени за 12%

Со огромен транспарент на кој пишува „За функционерите злато, за културата блато“, Синдикатот на културата (СКРМ) заедно со културни работници од цела Македонија денеска протестираа пред Министерството за култура, со цел, како што рекоа, да го искажат револтот за неисплаќањето на платите за месец март на над 3.000 вработени, а притоа обвинија дека нема да го добијат и зголемувањето од 12% согласно колективниот договор.

Исто така, присутните на протестот изнесоа и низа други критики кон министерството, упатувајќи прашање за тоа која е улогата и функцијата на ова владино тело.

„Овој владин орган не ја оправдува суштината на своето постоење. Од тело кое треба да биде административен чувар на институциите и индивидуите кои го креираат и негуваат културниот идентитет, министерството е претворено во бирократско дувло, кое својата енергија ја насочува кон нивно урнисување. Резултатите од конкурсите на годишната програма се проследени со скандали. Наместо да биде мост помеѓу извршната власт и културата, грижејќи се за културните политики, националните стратегии и објективното финансирање, министерството е промотор на партократија и заштитник на клиентелизмот“, рече Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот.

Од СКРМ посочија дека иако вчера имале средба со претставници од Министерството за финансии, таму не бил постигнат никаков договор, а најавија секојдневни протести пред Минстерството за култура до исполнување на нивните барања.

„Нѐ убедуваа дека нас во овој момент не ни следува покачување согласно колективниот договор, бидејки ние во септември минатата година сме добиле 10% покачување од општиот колективен договор. Порачуваме на Министерството за финансии и на Министерството за култура ако ја направило грешката и не предвидело пари во буџетот согласно Колективниот договор за култура тоа да го стори и на овие луѓе овде да им исплати плата и здравствено осигурување во најбрз можен рок“, посочи Атанасовска.

По протестот, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека, како што ветила, платите од денес се за 12% повисоки за културните работници

„Оваа Влада предводена од СДСМ се грижи подеднакво за сите. Од 2019 година до денес, покачувањето на платите во Секторот култура се искачи на 52%, со потпишувањето на Колективниот договор. Се борам веќе две години за повисоки плати за вработените во културата и успехот не може никој да го порекне. Платите пораснаа и повторно ќе растат. Не постои ниту еден чинител кој е против повисоки плати, особено кога законот за кој оваа Влада се избори е на страната на културните работници“, соопшти Костадиновска-Стојчевска.

Таа, како предизборна игранка и манипулација ги оцени реакциите и протестите на СКРМ.

„Вчерашниот состанок во Министерство за финансии не беше свикан со намерата која Синдикат на културата на Република Македонија им ја презентираше на своите членови, нути пак за некаква игра, денес се докажа тоа. Секогаш сум била на страната на вработените, за повисоки плати и за поголеми работнички права“, се вели во соопштението на Костадиновска-Стојчевска.

Бојан Шашевски