„Културен вандализам“ – непознати лица нацртале графит на познатата Галерија Уфици во Фиренца

Директорот на Галеријата Уфици во Фиренца повика на строги казни против вандалите кои нацртале графит на надворешните столбови од Коридорот Васари, кој го поврзува еден од најпознатите светски музеи со Градините Боболи.

Италијанската полиција анализирала видео снимки за да ги пронајде сторителите на овој вандалски чин, откако графитот се појавил преку ноќ на коридорот кој се наоѓа над реката Арно.

„Очигледно е дека не станува збор за дело направено во алкохолизирана состојба, туку за однапред смислен чин. Доста веќе со симболични казни и имагинарни олеснителни околности. Потребна ни е цврстата рака на правото“, изјавил директорот на Уфици, Еике Шмид.

Италијанскиот министер за култура, Џенаро Санџулијано, соопшти дека вандалите се идентификувани од полицијата, без да посочи за кого се работи. Италијанската новинска агенција АНСА, пак, информираше дека Карабињерите откриле двајца германски туристи, кои се на одмор во Фиренца, кои се осомничени дека нацртале име на германски фудбалски клуб на столбовите.

„Вакви дела не смеат да останат неказнети. Сега на ред е правдата“, изјавил министерот во соопштение до јавноста.

Тој додава дека вандалите мора да разберат дека и најмала гребаница отсега натаму ќе биде мета на обвинителите.

Според италијанските закони, оној кој се терети за „поголема материјална штета“, под што може да потпадне овој чин на вандализам, ризикува да заврши и на три години во затвор.

Воздушниот коридор е дизајниран од Џорџо Васари во 1565 година, преку кој градските власти можеле безбедно да патуваат од Палатата Пити до седиштето на владата во Палатата Векио.

Политичките и културните јавни лица го осудија овој графит, кој е последен во серијата вандализми летово во кои мета се познати италијански споменици. Меѓу оштетените културни објекти беа Римскиот Колосеум, каде турист го гравираше своето име и името на неговата девојка, а со графит беше вандализирана и Галеријата Виторио Емануеле II во центарот на Милано.

Серијата инциденти продолжија и на почетоков на месецов, откако група на млади германски туристи беа обвинети дека скршиле многу вредна статуа на фонтана од 19-тиот век, откако снимките од безбедносните камери покажале дека тие ја собориле статуата додека позирале за сликање.