Кривична пријава против функционери во Босна и Херцеговина бидејќи не набавиле вакцини

Во Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесена е кривична пријава против највисоките политички функционери во земјата, вклучувајќи го и претседателот на Советот на министри, Зоран Тегелтија, под обвинение дека не ја извршиле службената должност во однос на осигурување и директна набавка на вакцини потребни за имунизација на населението од коронавирусот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Исто така, пријава е поднесена и против Анкица Гудељевиќ, министерка за цивилни работи на државата, Фадил Новалиќ, премиер на Федерацијата на БиХ и Вјекослав Мандиќ, федерален министер за здравство.

„Нивната злоупотреба на службената должност резултира со неконтролирано ширење на заразната болест, смрт на голем бруј луѓе, ускратувајќи го правото на здравствена заштита на осигурениците во здравственото осигурување и колапс на здравствениот систем во Босна и Херцеговина“, пишува во кривичната пријава.

Кривичната пријава против функционерите е поднесена од група лекари и јавни личности.

Земјата сѐ уште не започнала со масовна имунизација на населението од коронавирусот, заостанувајќи зад земјите од регионот, додека пандемијата достигнува трет бран, одземајќи десетици животи секој ден.

Првите 24.300 дози на вакцината на компанијата „Фајзер“, како како дел од меѓународната програма „Ковакс“, БиХ ја очекува деновиве. Потоа ќе следат уште две пратки, односно, земјата на 29 март ќе добие 36.000 дози на вакцини од компанијата „АстраЗенека“ и уште 76.000 дози од истиот произведувач на 22 април.

Во меѓувреме БиХ доби помала количина на вакцини од „АстраЗенека“ како донација од соседна Србија.