Кристина Пулејкова со виртуелна реалност и проекции на вода ќе ја раскаже приказната на охридската јагула

„Место на спојување“ е новиот мултимедијален проект на Кристина Пулејкова, кој публиката ќе може да го види на главното пристаниште во Охрид, на 24 јули со почеток во 21 часот.

Проектот се состои од видео проекции на вода и виртуелна реалност кои ја раскажуваат приказната за охридската јагула. Ова е приказна за две јагули – Бисера и Алис, едната од Охридско Езеро, а другата од реката Темза, во Лондон. Тие магично успеваат да почнат телепатски разговор, споделувајќи ги своите животни искуства, доживувања и фантазии за патот назад.

„Место на спојување е мултимедијален проект на уметницата Кристина Пулејкова, кој низ водени проекции, виртуелна реалност и танц ја раскажува фасцинантната приказна за животот и миграцијата на охридската јагула, која е дел од видот европска јагула.  Сите европски јагули се родени на исто место, во длабочините на Саргасово Море, дел од Атлантски Океан. Носени од Голфската струја, тие патуваат речиси две години за да стигнат до нашите реки и езера, каде што поминуваат поголем дел од животот сѐ до нивната зрелост. Спремни повторно да го поминат патот назад, јагулите тогаш тргнуваат на „свадбен пат“ до Саргасово Море, каде што се размножуваат. Меѓутоа, патот на нашите јагули е попречен од 6 брани, кои ги делат од Јадранско Море, патот што води до нивната конечна цел“, се додава во описот на настанот.

Куратор е Ана Франговска, кореограф Искра Шукарова, музиката е на Иван Трајчев, а зад продукцијата на водени екрани стои Никола Кумев.  Место на спојување е поддржано од Принц Клаус Фонд за култура и развој и Гете институтот во рамките на програмата Уметнички и културни согледувања на климатските промени.

Влезот е слободен.