„Кратко, ем јасно“ со Мартин Ристов, дипломиран информатичар и „software developer“

Информатичките науки стануваат се повеќе интересни за младите луѓе. Па затоа поразговаравме со Мартин Ристов дипломиран информатичар, „software developer“, вработен во компанијата „Blasoft solutions“.

Кој е најголемиот предизвик за еден информатичар?

Ова е навистина прашање што нема точен одговор, а има многу одговори. Пред се’ да се пронајде во која сфера од ИТ светот се пронаоѓа, затоа што информатиката не е само програмирањето, постојат голем број на области. Но многу е важно да се остане приземјен, без избрзување. Мораш да се пронајдеш себеси, а следна станица ти е да најдеш соодветна практична работа како практикант, за да можеш да бидеш сигурен дека си направил вистински избор.

Кои се предностите, а кои недостатоците на твојата професија?

Предност е што можеш да бидеш креатор на најразлична содржина со најразлични цели, да бидеш постојано во чекор со најновите технологии, да ја развиваш логичката страна на своето размислување. Што не’ прави подобри решавачи на проблеми, затоа што си сам свој надзор и најголем критичар. Но за сметка на тоа, нашето трпение е ставено на тест, посебно при решавање на комплицирани логики кои бараат време, но пред се’ аналитичка перспектива. Но мотивираноста и желбата се основа да се постигне максимумот.  ИТ светот секојдневно гази со својата брзина на напредок и развој, а тоа значи многу часа поминати пред компјутер, моменти во кои губиш осет за време

Корелацијата меѓу професијата и младинската работа во едно општество?

Да бидеш младински активист во едно општество е најдоброто нешто што можеш да го направиш. Затоа што доменот на мојата професија е нешто кое бара доста труд и време, не е толку едноставно да се споделуваат практични сознанија. Но, во соработка со невладиниот сектор можат да се пренесат основни познавања на различни категории млади лица, преку едноставни работилници и примери.

Тина Божинова

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески