[Кратко, ем јасно] Слободанка Костовска: „Фројд и Јунг имаа најголема улога за моето студирање Психологија“

Сè повеќе доаѓа до израз потребата од емоционална писменост и едукација. Потребно е луѓето да разберат дека посетувањето психотерапевт или во одредени ситуации психијатар, не означува некакво психичко пореметување кај личноста. Емоционалната писменост им помага на емоциите да работат за нас, наместо против нас. Таа ги унапредува човечките меѓусебни врски, овозможува односи меѓу луѓето исполнети со љубов, создава кооперативна клима за работа и дава можност за развивање на чувството на заедништво.

Да се биде емоционално интелигентен значи да се распознаваат сопствените емоции и емоциите на другите, колку се тие силни и што ги предизвикува. Емоционално писмените луѓе знаат како да  управуваат  со сопствените емоции. Како е да се биде студентка по психологија во земја во која постојат безброј стереотипи поврзани со оваа тема, поразговаравме со Слободанка Костовска. 

Што те поттикна да студираш Психологија? 

Отсекогаш сум имала страст кон психологијата како наука. Најголема улога во тоа имаа книгите од Фројд и Јунг кои ги читав за време на средношколските денови. Оттогаш, почнав детално да навлегувам во проблематиката која го објаснува човековото однесување, наречена „психологија“. 

Со кои предизвици се соочуваш секојдневно како млада студентка по психологија во Македонија? 

Дефинитивно со многу различни предизвици, околу темите кои ги учиме, проектите кои ги правиме, истражувањата во различните области. Начинот на којшто доаѓаме до нови информации во однос на темите за кои треба да ги извршиме истражувањата. Се соочувам со предрасудите и недоволното ниво на емоционална писменост во нашата земја. Сметам дека допрва треба многу да работиме и да дејствуваме за да ја потенцираме важноста на емоционалната интелигенција и да иницираме и поттикнуваме потреба за едукација во оваа област. Живееме во мошне турбулетно и специфично опкружување, кое несомнено бара од нас многу да работиме на себе и на нашиот карактер.

„Короната“ сосема ни го смени начинот на живот, како сето тоа влијаше врз начинот на којшто се одвиваа предавањата? 

„Короната“ и самата ситуација многу работи сменија во секојдневното функционирање на луѓето, па така и кај нас студентите. Иако, нашиот смер е предвиден за редовна настава и предавања со физичко присуство ние бевме принудени да се адаптираме на промените и започнавме со онлајн-настава. Не се чувствуваше голема разлика во однос на онлајн-предавањата и тие со физичко присуство, материјалот подеднакво беше успешно пренесен. Единствено недостасуваше дружбата со колегите и секако меѓусебната комуникација која нам, на психолозите, ни е од големо значење.

Авторка – Марија Велковска

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „Mладински муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески