[Кратко, ем јасно] Моментната состојба за уметноста во Прилеп, преку зборовите на уметникот Трпче

Игор Трпчески, заштитното лице на градот Прилеп кога уметноста и Итар Пејо – мариовецот  се во прашање. Актер и поет, кој зад себе остава голем белег на театaрската сцена во земјава и ширум светот. Денеска, за нас ја издвои неговата омилена реплика која верувам дека ќе допре до сечие срце.

Која Ви е најомилената театарска претстава во која сте играле и издвојте Ваша кратка реплика од неа?

Претставите или уметничките дела се како деца. Не постои мајка која може да издвои едно свое чедо како омилено, а другите да ги запостави и покрај нивните недостатоци. Жално е што сите претстави немаат иста судбина да бидат одиграни и видени од соодветен број на домашна и меѓународна публика, или пак, некој да напише анализа за сите сегменти од претставата, зашто таа е спој на низа уметности. Ако морам да издвојам една, би рекол онаа која е сè уште жива, поточно која сè уште се игра, а таква во моментот е „Светулки” од Тена Штивичиќ во режија на Драгана Милошевска Попов:
– „Во животот има мигови кога мислиш дека еден ден сè ќе биде подобро. На крајот тоа престанува да биде цел и ти се помируваш со судбината”.

Што Ве мотивираше напорно да работите за време на короната, додека ги немаше ракоплескањата од публиката?

На наша голема несреќа короната го замре културното живеење како кај нас, така и во светот, но тоа никако не е причина да не продолжиме со работа и истражување во надеж дека од оваа криза ќе излеземе посилни и похумани.

И за крај според Вас, што треба да направи нашето општество за ја подигне културната свест кај младите и сè почесто да ги гледате во театрите?

Општественото уредување кај нас е сè уште централистичко и сите проекти од културата зависат директно од буџетот на Министерството за култура. Јас сметам дека е потребен подобар закон за спонзорство и донации во културата со што би се зголемил буџетот за култура, бројот на независни проекти и да се подобрат условите за користење на општествените објекти. Исто така, да не се наплаќа наем за користење на сцените во центрите за култура, затоа што истите се правени со народни пари и во статутот им пишува дека примарната цел им е овозможување на простор и услови за културни проекти од секаков вид.

Авторка: Марија Трајкоска

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „Mладински муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески