Костадиновска-Стојчевска побара да се поништи конзерваторското решение за 17-катницата кај „Воена болница“

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, за изградбата на висококатницата до „Воена болница“ во Скопје, информираше дека го добила Извештајот од работната група од Министерството за култура и дека вчера постапила по него.

„Во Извештајот е наведено дека издаденото конзерваторско решение не е во согласност со Правилникот што е постоечки по Законот за заштита на културно наследство и затоа предметот го враќаме назад кај првостепениот орган, поточно кај Конзерваторски центар – Скопје, и очекуваме тоа одобрение уште денес да биде поништено“, изјави министерката.

Костадиновска-Стојчевска посочи дека работната група, според своите надлежности, вршеле надзор од формално-правен аспект на издаденото конзерваторско мислење од Конзерваторскиот центар – Скопје.

Според неа, не се работи за одолжување на процесот, туку дека во случајот и друга надлежна институција, а тоа е Управата за заштита на културното наследство, биле повикана да постапи и да изврши надзор, бидејќи тие вршат надзор во однос на Законот за заштита на културното наследство.

Фото: Костадиновска-Стојчевска

„Тие инспектори, како што кажав и минатата недела, не излегуваа на терен од засега непознати причини, дури вчера беа во Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, и содржината на нивното мислење не ми е позната, но она што беше во наш домен по цела документација што беше прибрана, денес се обративме до Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, разговаравме со в. д. директорката и очекувам во текот на денов, како првостепен орган, како што го донесе решението така и да го поништи“, рече министерката.

Костадиновска-Стојчевска посочи дека за стручниот дел, за содржината на конзерваторското одобрение за посочената парцела кај „Воена болница“, се надлежни стручните институции од оваа област.

Откако се огласи министерката, иницијативата Независни за Карпош рекоа дека, како што и очекувале, конзерваторското мислење не е валидно.

„Ќе следиме што ќе се случува на терен и како ќе се одвива процедурата понатаму, знајќи со кого си имаме работа ќе преземаме соодветни акции за конечно да победи правдата“, соопштија Независни за Карпош.

На последниот протест во Карпош, од иницијативата спорното конзерваторско мислење го окарактеризираа како „криминално“. За него и претходно реагираа дека е издадено со цел да даде зелено светло за градење на комплексот згради со 419 стана плус деловен простор, со 2.000 жители и најмалку 1.000 возила. Односно, посочија дека доколку се изгради 17-катница, таа ќе донесе бетон, ќе го уништи квалитетот на живот, а притоа ќе направи сообраќаен хаос и ќе ја загрози безбедноста на оние што треба да стигнат до „Воена болница“.

[Фото + Видео] Граѓани на протест против висококатницата во Карпош: Нашето здравје не е играчка