Конкурс за карикатура и афоризам на тема „Карневал-еротика“

Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица објави конкурс за учество на 24. Меѓународен фестивал на карикатура и афоризам „Струмица 2023“ на тема „Карневал-еротика“.

Согласно пропозициите на конкурсот за афоризам секој автор може да учествува најмногу со десет афоризми отпечатени во три примероци со шифра и со податоци за авторот во затворен плик. Еден учесник може да учествува со повеќе трудови составени од десет афоризми со шифра за секој труд.

Во категоријата карикатура секој автор може да учествува со најмногу три карикатури работени во техника по избор на авторот. Карикатурите треба да се со димензии А4, а на секоја од нив на задната страна треба да има податоци за авторот.

Делата треба да се испратат најдоцна до 16 февруари 2023 година, а како што информираат од Центарот за култура, жири комисијата ќе додели златна, сребрена и бронзена плакета со право на жирито да одреди дополнителен број награди.

Наградите ќе се доделуваат на 27 февруари 2023, кога ќе биде организирана изложба и презентација на наградените дела.

Фестивалот за карикатура и афоризам „Струмица 2023“ се организира во рамки на Интернационалниот Струмички карневал.