Концертна промоција на „Тие се насекаде“ од SMUT

После речиси една година од издавање на албумот „Тие Се Насекаде“, SMUT ќе направи концертна промоција на албумот во Младинскиот културен центар во Скопје во петок (19 април).

Специјални гости на промоцијата во МКЦ се Санаториум, Зад Аголот и Последен удар.

„Во изработката на овој албум влеговме со цело наше срце со цел да ја доловиме сликата на случувањата во светот, но највеќе во нашата земја. Ситуацијата во која се наоѓаме и сѐ уште нѐ следи скоро 30 години како темен облак, верувавме дека треба да биде запишана и да се зборува за истата. Песните да го имаат тој мрачен тон како во мелодиите така и во текстовите, а ритамот да е сведок на нашата упорност да преживееме во ова време невреме. Тргнувајќи од таа идеја снимивме 10 песни, кои тематски се преплетуваа и поврзуваат една со друга. Насловот на самиот албум (кој воедно е и песна од албумот) е директна инспирација од бендот Санаториум или поточно песната ‘Град’ (кој ја знае, знае за што зборуваме). ‘Тие се насекаде’ е дел од текстот на таа песна“, изјавија лани момците од SMUT за својот албум.