Промоцијата на новиот албум „Тие Се Насекаде“ ќе се одржи утре во просториите на „Password Place“ (поранешен JUICY bar), спроти Италијанската амбасада во срцето на Скопје со почеток од 20:00 часот, а на денот од ослободувањето од фашизмот, 9-ти мај.
„Во изработката на овој албум влеговме со цело наше срце со цел да ја доловиме сликата на случувањата во светот, но највеќе во нашата земја. Ситуацијата во која се наоѓаме и сѐ уште нѐ следи скоро 30 години како темен облак, верувавме дека треба да биде запишана и да се зборува за истата. Песните да го имаат тој мрачен тон како во мелодиите така и во текстовите, а ритамот да е сведок на нашата упорност да преживееме во ова време невреме. Тргнувајќи од таа идеја снимивме 10 песни, кои тематски се преплетуваа и поврзуваат една со друга. Насловот на самиот албум (кој воедно е и песна од албумот) е директна инспирација од бендот Санаториум или поточно песната ‘Град’ (кој ја знае, знае за што зборуваме). ‘Тие се насекаде’ е дел од текстот на таа песна“ – изјавуваат момците од SMUT.
Тие се бенд кој секогаш со гордост говори за своите влијанија од македонската сцена. Истото го повторија и вметнувајќи ја реченицата „Мојот сон е само мој“ во нивната песна „Додека Сонував“ кој е наслов на истоимениот албум на групата SUNS (Санс) од Скопје, сѐ со цел да се задржи музичката историја и влијанијата на овој бенд.
„Се сложуваме дека тонот на албумот е малку помрачен, се согласуваме дека целата атмосфера е сива, но дали тоа не е вистинската слика која сакаме да ја насликаме за нашата заедничка реалност? Продукциски сакавме да направиме чекор напред од нашиот претходен албум, но како би го направиле тоа ако сте бенд од Македонија со буџет во тесни рамки? Со многу труд, жртва и нормално неизмерната поддршка од нашата публика која со секоја купена маица и карта за концерт нѐ донесе до моментот да снимаме со продуцентот кој работи со најголемите светски имиња во моментов,“ дополнуваат SMUT.