Концерт на „Строг пост“ вечер во СЦ „Дуња“

СЦ „Дуња“ и „Аксиома“ вечер (петок, 5 април) од 21 часот го најавија концертот на триото „Строп пост“.

Организаторите велат дека поминаа три месеци откако се причестивме со концертната промоција на деби албумот на „Строг Пост“. Пред нас, велат тие, е уште еден голем пост, кој наложува мобилизација за прочистување од сите оние демони кои се обидуваат да го претворат нашиот град во раскрсница на обложувалници, молови и висококатници, и каде луѓето мора да глумат зомбија за да се снајдат во овој конзумеристички рај на Земјата.

„Значи, повторно дојде време забрефтаниот риф, продорниот бас и нескротливите тапани да си поиграат со нашата стварност… за да ја направат „достојна“ за живуркање во ова неонско осветлување, вклучено на мртов ТВ канал. Овој пат, идејата на ‘Строг Пост’ е да го воскреснат Роберт Џонсон, но не како делта блуз легенда, туку како астрална проекција на фамозната раскрсница, каде тој ја продал својата душа на ѓаволот, само за да може да ги отсвири рифовите на ‘Sleep’ и ‘Om’, да го напише саундтракот на црвената соба во Линчовиот ‘Твин Пикс’, да ги пробуричка мозочните вијуги на Филип К. Дик, а Социјалниот центар ‘Дуња’ да го престори во храм на бучавата“, стои во најавата.

Оваа музика, посочуваат организаторите, левитира во лимбото помеѓу стонер рокот на „Kyuss“, психоделичниот џез-рок на „Causa Sui“ и „Krokofant“, и алтернативната музика за филмовите на Вернер Херцог.

„Врзете ги сите овие влијанија во слободно импровизиран чвор и можеби ќе можете да ја објасните оваа музика на некој мал стопанственик од Пелагонија. Веруваме дека би му се допаднала“, стои во најавата.

„Строг пост“ се Филип Букршлиев на електрична гитара, Дени Омерагиќ на бас гитара и Кристијан Новковски на тапани.

Влезот е со препорачана донација од 150 денари.

На концертот ќе можат да се набави албумот „Строг пост“, како и нова (ограничена) серија на маици, со нов дизајн.

Плакатот е на Кристијан Новковски.