Концерт на Филхармонија на 26 јануари со виолинистот Александар Иванов

Оркестарот на Македонската филхармонија овој четврток (26 јануари) со почеток во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Лезет“ на кој како солист ќе настапи младиот македонски виолинист Александар Иванов.

На програмата се „Психофонија“ од македонскиот композитор Ристо Аврамовски со чија изведба ќе се одбележат 80 години од раѓањето на авторот, Концертот за виолина и оркестар во Дe-дур, оп. 35 од Ерих Волфганг Корнголд и „Гогољ суита“ од Алфред Шнитке. Диригент е маестро Борјан Цанев.

„Творечкиот опус на македонскиот композитор Ристо Аврамовски (1943 – 2007) е исклучително богат и опфаќа над 150 дела од речиси сите жанрови на класичната музика – од најмалите форми до најкрупните – симфонии, ораториуми, кантати, опери. Од експериментална радиофонија до применета музика пишувана за театар, телевизија и филм. Најголем дел од неговото музичко творештво е инспирирано од македонското поднебје, од нашиот духовен простор. Токму такви се неговите дела „Психофонија 1“ и „Психофонија 2“, напишани  во 1972 и 1974 година. Во овие композиции тој својата инспирација ја црпи од богатата ризница на македонското духовно поднебје и од македонскиот фолклор, но ги реактивира и третира на сосема поинаков начин и тие добиваат нов лик и експресија“, велат од Филхармонија.

Советско-германски композитор кој создава сериозна, мрачна музика што се карактеризира со нагли спротивставувања на радикално различни, честопати контрадикторни стилови. Тоа е Алфред Шнитке, основач на т.н. музички полистилизам.

„Шнитке бил вистински мајстор на драмата. Неговата музика има звучна тензија, драма, конфликт… Токму затоа воопшто не чуди фактот што токму тој бил избран да напише музика за театарска изведба на дела од рускиот писател Николај Гогољ, а крајниот производ од оваа инспирација е фантастичната ‘Гогољ суита’, ремек-дело на модернизмот“, посочуваат од Филхармонија.

Ерих Волфганг Корнголд (1897 – 1957) е австриско-американски композитор и диригент. Израснал како музички талент во Виена, инспирирајќи се од музиката на композитори како Густав Малер и Рихард Штраус. Во 1930 година започнува да пишува музика за филмови во Холивуд, а во 1938 година се сели во САД. За време на војната главно пишува музика за филм, а неговиот татко, познатиот музички критичар Џулиус Корнголд, никогаш не се помирил со тоа – сметал дека пишувањето музика за филм е губење време.

„Иако за Корнголд пишувањето филмска музика било сериозна работа, и самиот тој се плашел дека неговата музика ќе биде заборавена заедно со филмовите за кои била напишана. Концертот за виолина и оркестар во себе инкорпорира неколку главни теми од повеќе филмови, и на тој начин Корнголд успеал да им даде живот и надвор од филмското платно.  Концертот, секако не е крпеница од филмски теми – Корнголд ги преработил мелодиите и им дал целосна симфониска структура“, стои во најавата.

Добитникот на македонското признание „Виртуози – Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија.

„Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралската оперска школа. Добитник е на наградата ‘Аугуст Манс’ за најдобар диригент, токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар, како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар, во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, Нови Сад, Загреб, Њујорк, турнеи во Полска и во Казахстан). Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Во 2005 година Цанев дебитира во Македонската опера и балет, каде што следната година ја поставува премиерата на ‘Волшебната флејта’ од Моцарт“, соопштуваат од Филхармонија.

Од таму посочуваат дека бајмладиот добитник на наградата „Виртуози“, Александар Иванов ги спојува експресивната музикалност и техничката експертиза со разновиден репертоар, водени од уметничката љубопитност. Неговата вистинска страст лежи во експресивните можности на доцните романтични композитори.