Концерт на битолскиот бенд „КОД 369“ вечерва во МКЦ

Од Младинскиот културен центар извесуваат за вечерашниот концерт на битолскиот бенд „КОД 369“. Концертот ќе започне во 20 часот во МКЦ.

Оттаму посочуваат дека бендот е формиран во 2020 година, а претставува продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на бендот „Памперс“. Во „КОД 369“ членуваат Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали), Иле Лулевски (тапани, придружни вокали) и Коста Стеваноски (бас-гитара, клавијатури).

„Во музиката на КОД 369 се внесени нови музички моменти на фанк, џез и класични инструментализации, кои проткајуваат во препознатливата рок-основа и влијанија на современата музика во домен на поп и рок. Нивната музичка мисла секогаш се наоѓа на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп-музика, задржувајќи ја свежината, слободата и авангардните идеи на првата категорија и прифатливоста на втората“, објаснуваат организаторите.

Тие нагласуваат дека во текстовите на бендот се препознаваат универзалните човекови и книжевни вредности, љубовта како движечка сила и моќта на индивидуата како двигател кон своето најдобро јас.

„Албумот ‘Stages of Love’ е првиот албум што го создадоа и снимија како ‘КОД 369’. Првиот сингл со наслов ‘Остани до крај’ е истовремено амбиентален и подвижен, искажувајки ги турбуленциите на емоциите. Стиховите се стремат да ja величаат љубовта на долги патеки“, се вели во соопштението на МКЦ.

Организаторите истакнуваат дека влезот е слободен, но посетителите претходно треба да подигнат бесплатни билети онлајн.

Настанот ќе биде организиран со почитување на актуелните ковид-протоколи.