Концерт на „Алембик“ и изложба на Матеја Николиќ пред „Ла Кања“

Вечерва (22 ноември) од 19 часот, на уличката кај „Ла Кања“во Стара скопска чаршија е најавен концерт на „Алембик“ и изложба на Матеја Николиќ. Настанот кој го организираат „Млади за Скопје“ ќе се одржи под посебни безбедносни и здравствени мерки, а капацитетот на публика е строго ограничен.

[Интервју] Млади за Скопје: Уметниците и културните работници, а не политичарите да бидат главните „рок ѕвезди“

Алембик се Виктор Танасковски (електрична и акустична гитара, бас гитара, мандола, вокал) и Ива Дамјановски (клавијатури, вокал, теремин) – проект, чија музика е обид за спој и реобмислување на различни музички жанрови, користејќи експериментални и атипични начини на произведување звук преку алхемиска игра со музичките елементи (оттука и идејата позади името). Во моментов работат на нивниот прв, истоимен албум во продукција на Нино Спиркоски, инспириран од судирот и синтезата на природата и прогресот, битот и модерното. На албумот гостуваат Филип Ефински на гитара и Емил Спиркоски на тапани. До сега имаат настапено во склоп на програмата на културниот центар „Јадро“.

Матеја Николиќ е илустраторка родена на 10ти јуни 1993 година во Скопје. Во 2018 година завршува како магистер инжинер архитект на Архитектонскиот факултет во Скопје. Иако нејзината работа вклучува илустрации направени со традиционални техники на цртање, таа е најмногу фокусирана на дигитална илустрација со големо внимание кон детали и визуелно раскажување. Во последните години е дел и од повеќе регионални и меѓународни изложби, каде освен изложување на своите дела таа се здобива и со неколку награди. Моментално работи како илустратор и графички дизајнер во креативно студио во Скопје, како и на повеќе лични и комерцијални проекти од областа на дизајнот и визуелните комуникаци.