„Комунална хигиена“ тврди дека вчера подигнале 350 тони отпад, а од градоначалниците не добивале одговор каде тие го одлагаат ѓубрето

Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, ЈП „Комунална хигиена“ од Скопје тврди дека спровело активности за собирање и транспорт на комуналниот отпад од контејнерите поставени на булеварот „Гоце Делчев“ до хотел „ВИП“, потоа булеварите „Партизански одреди“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“, улиците „Даме Груев“ и „Џон Кенеди“, како и на повеќе локации во скопската општина Аеродром.

Како што велат, во рамките на вчерашните активности биле подигнати вкупно 350 тони комунален отпад.

„Би сакале да ја информираме јавноста дека досега немаме добиено одговор од градоначалниците на скопските општини каде го одлагаат отпадот од наводните активности за собирање на комуналниот отпад што тврдат дека ги спроведуваат во рамките на своите општини. ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје во текот на денешниот ден не забележа дека е подигнат отпад од страна на општинските комунални претпријатија во ниту една скопска општина. Се прашуваме дали навистина и на кои локации се одвиваат овие активности?“, стои во соопштението на „Комунална хигиена“.

Ова соопштение доаѓа во време кога партијата ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска си ја префрлаат вината за тоа кој ги блокирал одлуките за „Комунална хигиена“ и воопшто кој е виновен за кризата со ѓубрето низ цело Скопје.

Истовремено, пред два денови преку ЗЕЛС се собраа градоначалници од повеќе скопски општини. Целта беше да дадат меѓусебна поддршка во механизација, човечки ресурси и да се ангажираат да ги чистат контејнерите, како би ја амортизираме алармантната состојба со натрупаното ѓубре.

Фото: ЗЕЛС

„Целта е сите заедно, заради нефункционалноста на ЈП ‘Комунална хигиена’ до периодот до завршување на изборниот процес, со преземање на алтернативни решенија да се обидеме да го спречиме овој хаос. Ова не е наша надлежност, тоа е надлежност на Град Скопје и на комуналното претпријатие кое во континуитет не ги спроведува своите обврски, иако нашите граѓани редовно ги плаќаат сметките,  а за тоа не ја добиваат потребната  услуга. Се договориме доколку се јави потреба, ќе побараме помош и од останатите општини во скопскиот регионот да  помогнат со механизација, како и од општествено одговорните компании кои и досега се вклучуваа во поголем број акции што ги преземавме во минатиот период и во изминатите неколку дена. Се надеваме и апелираме ‘Дрисла’ да не  прави опструкции и да ги пропушта возилата со кои ќе се транспортира отпадот“, рече по состанокот претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

На состанокот присуствуваа поголем број од градоначалниците, меѓу кои на Општина Чаир Висар Ганиу, на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, на Општина Центар, Горан Герасимовски, на општина Аеродром, Дејан Митески и на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Герасимовски од Центар вчера посочи дека се донесени и 10 мерки за справување со кризата. Меѓу другото дека ќе бидат поставени помали контејнери за секојдневен отпад во густо населените делови и поголеми контејнери за кабаст отпад, ЈП „ПОЦ“ ќе организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад, а општината веќе врши и вонредна дератизација. Односно, во сите 1.980 шахти се фрла серитифициран препарат.

Општина Центар објави мерки за дератизација на училиштата, градинките и зградите и дезинфекција на јавните површини

Бојан Шашевски