Компанијата на Илон Маск доби одобрение да тестира мозочни чипови на луѓе

Компанијата „Неуралинк“ во сопственост на Илон Маск соопшти дека добила дозвола од Управата за храна и лекови на Соединетите Американски Држави (ФДА) за тестирање мозочни чипови на луѓе.

Станува збор за чипови-импланти кои, како што велат од компанијата, ќе помогнат за подобрување на подвижноста на лицата со парализа и враќање на видот кај оние што го изгубиле преку поврзување на мозокот со компјутер.

Оттаму изјавиле дека засега немаат планови да започнат со регрутирање учесници. Од ФДА сѐ уште се немаат изјаснето на оваа тема.

Чиповите што претходно беа тестирани на мајмуни се дизајнирани да интерпретираат сигнали кои ги создава мозокот и да пренесуваат информации на компјутерскиот уред преку Bluetooth.

Експертите предупредија дека мозочните импланти на „Неуралинк“ пред да станат достапни за широка употреба треба опсежно да се тестираат за да се надминат техничките и етичките предизвици. Од компанијата ветија дека наскоро ќе објават повеќе информации, но и дека безбедност, достапност и доверливост ќе бидат нивните приоритети за време на инженерскиот процес.

Објавата за одобрението од ФДА следи по неодамнешните вести за парализиран човек од Холандија кој со помош на мозочни импланти креирани од истражувачи од Шведска успеа да се движи само ако мисли на тоа.