[Став] Технологија за мене, но не и за нив

Пишува: Харолд Џејмс

Технолошките промени секогаш ќе доведуваат до суштински пореметувања и ќе создаваат нови победници и губитници. Иронично е, но речиси и да не е изненадувачки, тоа што новиот наратив на техно-песимизмот најгласно е промовиран од оние кои беа во првите редови на вчерашните иновации.

Капитализмот се заснова на конкуренција. Меѓутоа, во пракса, овој суштински принцип често се нарушува, бидејќи амбициозните капиталисти природно ќе настојуваат да ја елиминираат конкуренцијата и да обезбедат водечка позиција на пазарот од која потоа ќе можат да ги држат настрана новите потенцијални конкуренти. Успехот, во оваа смисла, може да ве направи богат и да ве етаблира како визионер; но исто така може и да направи другите да ве мразат и да се плашат од вас.

Оттука, Кина, како една од веројатно најуспешните пазарни економии во дваесет и првиот век, води војна против сопствените технолошки гиганти, особено преку „исчезнување“ на ко-основачот на „Alibaba Group“ Џек Ма од јавната сцена откако тој ги критикуваше кинеските финансиски регулатори.

Во исто време, Европејците, длабоко загрижени дека им недостасува сопствен сектор за големи технологии (Big Tech), се фокусираа на спроведување на (антимонополски) политики со цел ограничување на моќта на гигантите како што се Google и Apple. И во Соединетите Држави, политичките сојузи за големи технологии (и во тие рамки и „разбудената“ левица и за „црвената“ десница) станаа главни фокусни точки на штетните културолошки војни кои се водат во земјата.

Сосема е природно да водиме сметка за пазарната моќ и за политичкото влијание на таквите огромни (и огромно важни) корпорации. Тоа се компании кои можат сами да одлучуваат за судбината на голем број мали земји, па дури и за земји со средна големина. Голем дел од дебатата за влијанието на корпорациите е прилично академска. Но, не е така во Украина, каде технологијата од приватниот сектор одигра одлучувачка улога на бојното поле во текот на изминатава година.

Благодарение на сателитската интернет услуга „SpaceX Starlink“ на Илон Маск, Украинците можеа да комуницираат во реално време, да ги следат движењата на руските трупи и радикално да ја подобрат прецизноста на нивните напади врз непријателски цели (со што се заштедува скапоцена муниција). Без Старлинк, одбраната на Украина веројатно немаше да биде успешна.

Но, со оглед на каприциозноста на потенцијалните корпоративни диктатори, таквите технолошки зависности се инхерентно ризични. Минатиот октомври, Маск го искористи тоа што е сопственик на Твитер за да организира виртуелен „референдум“ во врска со половичниот мировен план со кој Крим би ѝ бил отстапен на Русија. Кога украинските дипломати се спротивставиja, тој жестоко се закани дека ќе го прекине Старлинк (и, некое време, пристапот навистина беше оневозможен во спорните области).

Парадоксално, новата дебата во врска со моќта на корпорациите се случува во време кога се интензивира конкуренцијата помеѓу технолошките компании. По својата природа, радикалните технолошки промени воведуваат радикална неизвесност, особено за постоечките корпорации и деловни модели. Новите откритија во вештачката интелигенција кои очигледно ќе значат трансформација би можеле да ги направат застарени дури и најмоќните технолошки гиганти доколку тие не успеат да фатат чекор со иновациите.

До оваа година, доминацијата на пребарувачот Google во сопственост на компанијата „Alphabet“ беше несомнена; сега, таа услуга одеднаш се соочува со ризик да биде претекнатa од OpenAI/ChatGPT на Мајкрософт. Фејсбук и Твитер порано се сметаа за незаменливи платформи за социјални мрежи; сега, нивното место брзо го заземаат други платформи, како што е TikTok.

Ваквите развои на настаните не се нешто што треба да нè изненадува. Во аналите на деловната историја се забележува дека неуспехот е многу почест отколку трајниот успех. Се сеќавате на „Кодак“? На таа компанија почна да ѝ се гледа крајот кога не успеа да се прилагоди на појавата на дигиталната фотографија. Најстарите компании во светот се оние кои работат во локализирани и нетехнички дејности кои не зависат од мода која е минлива. Освен ако не сте зазеле таква ниша (како што е јапонски производител на саке или производител на вино од Тоскана), вие не сте на сигурно.

Соочени со постојаната закана за нивното постоење, големите компании генерално имаат на располагање две стратегии. Првата е да се блокираат или доведат до проблем понатамошните иновации со тврдење дека тие ќе бидат опасни и дестабилизирачки. На пример, во дваесеттиот век, големите железнички компании агресивно лобираа против побарувачката за автопатиштата на производителите на автомобили.

Денеска влогот е многу поголем, а реториката е „понадувана“. Некои водечки луѓе во светот на технологијата предупредуваат дека без постоење на строги регулативи за вештачката интелигенција, најновите иновации во дејноста би можеле да доведат до распад на цивилизацијата. Ова беше една од пораките на Писмото за мораториум на АИ кое беше во широка циркулација и беше потпишано од истражувачи на вештачка интелигенција и водечки лица во техологијата, како што е Маск, за кого подоцна се откри дека има инвестирано во нов стартап кој ќе му биде конкуренција на OpenAI.

Според овој наратив, денешниот брз напредок може да доведе до општа вештачка интелигенција која е толку моќна и толку непредвидлива што човештвото несвесно би можело да потпадне под нејзина милост. Писателите на научна фантастика (и некои филозофи) долго време ги искажуваат таквите сценарија. Ако на суперинтелигенцијата ѝ дадете задача да ја заштити животната средина, таа може да одлучи дека очигледното решение за тоа е да се елиминира причината за проблемот: а тоа се луѓето.

Втора можност би била вештачката интелигенција едноставно да ја извршува својата задача толку моно-маијакално што едноставно би била незапирлива, како во песната на Гете „Чиракот на волшебникот.“ Ваквите аргументи се одраз на општото расположение на анксиозност кое е карактеристично за секој период на брзи промени. Примерот со луѓето кои кршеа машини во деветнаесеттиот век (Лудисти) секогаш има одредена романтична привлечност.

Втората опција за анксиозната технолошка елита е таа да побара заштита од државата така што ќе се повикува на ризици поврзани со националната или економската безбедност. Заменикот претседавач и претседател на Мајкрософт, Бред Смит, на пример, предупредува дека, со оглед на тоа што обуката на системите за вештачка интелигенција бара огромни инвестиции, навистина има само неколку институции кои можат да го направат тоа, а главни меѓу нив се кинеските институции како што е Академијата за вештачка интелигенција во Пекинг.

Овие две стратегии подразбираат формулирање на наратив кој ќе може да обезбеди политичко отстапување во однос на пазарната конкуренција. Компаниите кои се инхерентно загрозени од ова (затоа што се ангажирани во големи работи кај кои резултатите се непознати) секогаш ќе се повикаат на политичките процеси во големите земји со цел овие да ги заштитат.

Без разлика дали со додавање на регулаторни пречки за оние кои се појавуваат на пазарот или преку воведување бариери насочени против конкурентите од странство, тие сакаат да го зачуваат статус квото.

Сите овие природни тенденции се нешта кои треба да ги имаме предвид, особено сега кога пандемијата и растечките геополитички тензии создадоа и создаваат нов поттик за технички иновации. Како и секогаш, технолошките промени ќе бидат исклучително вознемирувачки и ќе создаваат нови победници и губитници.

Повеќето од оние кои ги коментираат таквите промени (и заинтересираните страни) неизбежно ќе стават акцент на опасностите. Иронично е, но не и ново, тоа што новиот наратив на техно-песимизмот најгласно е промовиран од оние кои беа предводници на вчерашните иновации.

*Харолд Џејмс е професор по историја и меѓународни односи на Универзитетот Принстон. Toj e специјалист за германска економска историја и за глобализација, е коавтор на Еврото и битката на идеите и автор на Создавањето и уништувањето на вредноста: циклусот на глобализацијата, Круп: Историја на легендарната германска фирма, Создавање на Европската монетарна унија и Војна на зборови.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.