Комисиите на пауза, Студентски пленум бара предлози за студентското организирање

Студентски пленум ги повикува своите колеги активно да се вклучат во креирањето на предлогот за измена на Статутот на УКИМ, со кој се регулира студентското организирање. Тие на својата официјална Фејсбук страница објавија јавен повик за доставување на предлог модели за студентско организирање.

Овие предлози ќе бидат разгледани на комисијата, која беше најавена од Ректорската управа по силниот притисок од страна на студентите и дел од професорите, откако изборите за нов претседател на Студентскиот парламент поминаа во бурна атмосфера и со полно нерегуларности. Студенти кои протестираа тој ден пред седиштето на СПУКМ насилно беа влечени од Единицата за брзо распоредување. Ректоратот, подоцна, ги нарече овие избори „црна дамка во историјата на универзитетот“.

„На Комисијата треба да се продискутира како сметаме дека треба да изгледа студентското организирање, но не знаеме како ќе се одвива сето тоа, бидејќи многу ретко се одржуваат состаноци“, вели Деа Здравковска од Студентски пленум.

Таа рече дека досега само еднаш се одржал состанок, на кој се избрал претседател и членови на Комисијата. Како претседател е избрана професорката од Правниот факултет Родна Живковска, а во улога на членови се студентите Александра Живковиќ и Стефан Дојчиновски од Студентски пленум, Васка Бојаџи, актуелен Студентски правобранител, претставник од Студентскиот парламент, професорите Влатко Коробар од Архитектонскиот факултет, Маја Бојаџиевска од Филолошкиот факултет, Милорад Јовановски од Градежен факултет и Мирјана Шошолчева од Медицинскиот факултет.

„Знаеме дека за секој проблем на УКИМ се формираат комисии и работни групи, само за, условно кажано, да се решат проблемите“, вели Здравковска.

Но, изборите поминаа, атмосферата се смири, а на чело на СПУКМ застана студентот од ФИНКИ Давор Поповски, кој веќе на неколку акции на организацијата се појавува во својство на претседател. Во однос на ова, Здравковска го повтори ставот на Пленумот:

„Тој може да се претставува и како султан Сулејман, но неговата функција како ја добил допрва ќе се види. Генерално се знае дека Студентски парламент воопшто не можеше да распише во такви услови, со такви правни акти што ги имаат во Централниот регистар, така што неговата функција воопшто не е релевантна“, вели таа.

Покрај Комисијата за измена на Статутот на УКИМ, на последната седница на Ректорската управа во јули беше одлучено да се формира и Комисија којашто ќе ги разгледа сите факти и докази за она што се случило на денот на изборите. Но, за оваа Комисија се уште нема никакви јавни информации за тоа кога ќе се одржи, кои ќе бидат дел од неа и како ќе течи работата.

Дотогаш, Пленумот ги повикува своите колеги да дадат идеи за подобрување на студентското претставување. Оттаму соопштуваат дека финалниот предлог ќе биде јавно објавен и за него ќе се дискутира на средбата на Kомисијата за измена на Статут која е закажана за 30 август. Финалните измени, пак, треба да бидат готови до 15 септември, а понатаму ќе се дадат на гласање на Сенатот на УКИМ. Идеите за тоа како да се подобри студентското претставување може да се испратат на plenum.studentski@gmail.com.