Колорадо ја легализираше марихуаната – се чека ред пред продавниците

Долги редици се појавија вчера пред триесетината продавници во кои жителите на американската сојузна држава Колорадо за првпат можат сосема легално да купат марихуана, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Колорадо ја легализираше марихуаната - се чека ред пред продавниците

Шон Азарити, поранешен војник кој служел во Ирак и во Авганистан, стана првиот граѓанин на Колорадо кој купи марихуана, по нејзината легализацијата која беше одборен минатиот ноември. Азарити изјави дека по војните страдал од посттрауматски стрес и дека марихуаната му помага да се справи со последиците.

„Не ми се верува. Имам многу пријатели кои се зависни од лекарства против анксиозност или антидепресиви, додека се обидуваат да се справат со последиците кои ги имам и јас. Досега не можеа да користат марихуана, поради стигмата која доаѓа со тоа“, изјави Азарити, откако за првпат легално купи марихуана во продавница во Денвер.

Азарити воедно е вработен во една од 30-те продавници, кои добија дозвола да продаваат марихуана, од кои повеќето се во Денвер. Дел од купувачите во Колорадо вчера биле дојдени од соседните сојузни држави, меѓу нив и лица кои биле во затвор поради трговија или купување на марихуана.

Марихуаната останува забранета во најголем дел од САД, но 20 држави веќе дозволуваат нејзино користење со соодветна лекарски рецепт, како средство за ублажување на симптоми на болка.

Освен Колорадо, и сојузната држава Вашингтон гласаше за целосно легализирање на употребата на марихуаната и се очекува во текот на годинава и таму да се отворат првите вакви продавници во кои оваа дрога ќе може да се купи без лекарски рецепт, туку единствено со документ кој ќе покаже дека купувачот има над 21 година.

Продавниците во Колорадо вчера почнаа со понуда од разни видови на марихуана и по различни цени. Во некои од продавниците, каде побарувачката беше исклучително висока, цените достигнаа дури и до 500 долари за 30 грама, но вообичаената цена беше околу 100 долари.

Освен продавниците за „рекреативна марихуана“, уште во неколку стотици локации во оваа држава дрогата може да се купи според програмата за „медицинска марихуана“, односно само со лекарски рецепт.

Купувачите од Колорадо се ограничени на пакувања од 30 грама, а посетителите од други држави можат да купат помалку од 10 грама и законски им е забрането да ја изнесат дрогата надвор од границите на Колорадо. Колорадо дозволува и да се чуваат најмногу до шест билки канабис сатива од кои се добива марихуаната.

Минатиот месец јужноамериканската држава Уругвај стана првата земја во светот која го легализираше одгледувањето и продажбата на марихуана. Тамошниот закон во сила треба да стапи во април 2014 година.