Софи Божиновска уште од најмала возраст се занимава со спорт и уметност. Иако за секој родител е само идеал да го мотивира своето дете, да се развива во неколку паралелни насоки со акцент на спортот и уметноста, нејзината мајка Александра Божиновска, вели дека динамиката на Софи понекогаш е тешко да се испрати токму затоа што бара внимателно насочување на нејзината дисциплина, турдот и фокусот бидејќи се работи за мало дете кое е во фаза на експанзивен развој.
Сепак како што вели Александра, целиот влог на време, псоветеност и труд на крај дава успех. Софи Божиновска се занимава со пливање, џиу-цица, хип-хоп танц и сликање. Овие активности, за неа не се само начин да се искористи слободното време, туку правец во кој би сакала да се развива нејзиниот дух со можност за професионално бавење со некоја од овие дисциплини и потанаму во животот.

Пливањето ми е најомилен спорт. Кога сум во вода, се чувствувам најсреќно. Многу сакам да се натпреварувам, тогаш сум возбудена, треперам како лист и давам сè од себе, вели Софи која освои три златни медали и пехар токму во пливањето.
За тоа како започнала Софи да покажува афинитети токму кон пливањето како спорт и дали за нејзината мајка било тешко да ги забележи првите знаци и да ѝ даде можност да се занимава со овој спорт, Александра вели дека уште од мала возраст забележала рапиден психофизички развој кај нејзиното дете ѝ знаела дека ќе се бави со спорт.

Сè започна многу спонтано и природно. Уште од најмала се гледаа изразени предиспозиции – развиена психо-моторика, огромна креативна енергија, љубов кон движење, музика и чувство за ритам. Ние само ја следевме таа насока и ѝ дадовме простор да се изрази, вели Александра Божиновска – мајката на Софи.
Пливањето не е единствена пасија на Софи, покрај успесите во спортот, таа се занимава и со сликањето.
Многу сакам да цртам. Најчесто цртам кученца и моето семејство – тато, мама, јас и бато. Секогаш сакам да нацртам нешто ново. Тато ми е мој идол. Многу го сакам и неговото мислење ми е најважно, вели Софи и нагласува дека поддршката од родителите ѝ е клучна и инспиративна во тоа што го прави.

За тоа дали е свесна колку родителската поддршка е важна во остварувањето на желбите и амбициите на децата од најмала возраст, мајката на Софи, Александра откри дека родителска обврска е да го следат патот на развојот на детето, да се прилагодуваат и да даваат сѐ од себе, детето да успее.
Кога нешто е во интерес на твоето дете и гледаш дека го прави со искрена желба и љубов, најмалку што можеш како родител е да се организираш. Да, понекогаш изгледа предизвикувачки во ова динамично секојдневие, но вреди за секој момент кога ќе ја видиш исполнета.
Сепак додава дека спортот, музиката и креативноста засега се на ниво на хоби, а истовремено важно е родителите да посветат внимание и на самата едукација и социјализација на нивните деца, со цел детето да биде насочувано во сите значајни сфери истовремено и ниту еден сегмент од детскиот развој да не биде запоставен.
Нашиот фокус не е само на активности, туку на бенефитите што ги носат – спортски, музички, креативни, па и едукативни како научните активности. Сакаме да расте во средина што ја стимулира, ја гради и ја држи подалеку од прекумерна изложеност на екрани – телефони, таблети, компјутери. Секако се подразбира дека успехот во училиште и детската игра со другарчињата „на улица” и во парк остануваат рамо до рамо со сите горенаведени активности, вели Александра Божиновска.
Софи вели дека вежба и боречки вештини кои ќе и помогнат да ја одржи дисциплината на умот и телото и дека авторитетот од тренерите во спортот, како во боречките спортови, така и во пливањето и е многу важен, бидејќи на нив гледа како на свои примери.
На џиу-џица учам како да се одбранам, но и како да бидам смирена и да размислувам брзо. Таму учам и да имам почит – да се поклонам и кога победувам и кога губам. Тоа ми помага и надвор од тренинг. Многу ги сакам моите тренери и на пливање и на џиу-џица и им верувам и сакам да ги слушам, потенцира таа.

Исто така, има пасија кон музиката, а хип-хоп танцот ѝ овозможува да прави брзи и слободни движења. Освен на часовите по танц, многу често знае да вежба и дома и со добра музика да приреди вистинско шоу на своите домашни.
Хип хоп многу сакам затоа што обожавам музика и не можам да стојам мирна кога ќе слушнам добра песна. Сакам да танцувам и цело време по дома синпуштам музика и се замислувам како да настапувам на концерт.

Нејзината мајка вели дека целта на овие активности и бројни хобија, не е оптоварување на децата и поставување на недостижни цели и дека ваквиот родителски пристап има смисла само доколку децата уживаат и се забавуваат додека го прават тоа што им е желба. Исто така преку играта вели Александра најдобро се учи, особено апстрактните вредности кои на децата треба да им се покажат преку практични примери, а токму тие вредности ќе ги носат со себе целиот свој живот.
Најважно за нас е пред сè да се рекреира и да ужива. Но истовремено, преку физичкиот, а со тоа и психичкиот развој, да ја научиме на една многу важна животна формула – здраво тело, здрава исхрана, здрав дух. Да разбере дека дисциплината, трудот и фокусот носат резултати – не само во спортот, туку на секое поле во животот генерално. Да го развива и индивидуалниот и тимскиот дух, да гради самодоверба, самопочит, но и почит кон другите. Сите тие вредности што ги учи денес, веруваме дека ќе ја следат низ целиот живот, вели Александра.
Приказната за Софи Божиновска покажува дека раниот развој на децата е најуспешен кога се гради врз љубов, поддршка и балансиран пристап. Комбинацијата од спорт, уметност и игра не само што ги развива физичките способности, туку создава дисциплина, самодоверба и здрави животни вредности. Клучот не е во притисокот, туку во тоа детето да ужива во процесот и природно да се развива во повеќе насоки.
Магдалена С. Константинов



