Коалиција „Сега“: За успешно е-учество на младите фалат искуство, персонал и финансиски ресурси

Само 25 отсто од интервјуираните институции изјавиле дека понекогаш ги консултираат граѓаните
преку механизмите за е-учество при донесување на одлука.

Ова се дел од резултатите кои денес беа презентирани од страна на Коалицијата за младински организации „Сега“ во рамки на објавените резултати на проектот „Диги – Дигиталното учество е лесно“, чија цел е поттикнување на дигиталното младинско учество.

Преку дискусијата на настанот беше забележано дека позитивни ефекти од дигиталното младинско учество се видливи само кога процесот на учество се води професионално, односно користењето на дигиталните алатки не е доволно за да се обезбеди успешно учество на младите во локалните заедници, институции и младински организации.

Сепак, објавените резултати покажуваат дека на потенцијалните иницијатори често им недостасува искуство, персонал и финансиски ресурси потребни за да планираат и спроведат успешен проект за е-учество на младите.

Според Зоран Илиевски, извршен директор на „Сега“, фактот дека младите користат социјални мрежи,  гласаат, лајкуваат, коментираат и критикуваат на различни теми поврзани со нивната заедница, покажува дека реалноста е поинаква и младите сакаат да бидат вклучени, но на поинаков начин.

„Истражувањата покажуваат дека македонските граѓани се недоволно или не учествуваат во процесот на креирање и донесување одлуки.  Според новите трендови, креаторите на политиките треба да се прилагодат и да побараат начини од младите луѓе да бидат лесно достапни, користејќи нови технологии.

Од „Сега“ истакнуваат дека проектот „ДИГИ – Дигиталното учество на младите е лесно“ има за цел да го реши овој проблем преку обезбедување ресурси и процес на градење на капацитети на заинтересираните организации кои планираат да ја користат алатката за е-учество на младите ОПИН.

Од Коалицијата посочуваат дека ОПИН се користи како алатка за зголемување на младинското е-учество и влијае на подобрување на процесите на одлучување и креирање на политики, која е достапна на 10 европски јазици.

Според Илиевски, со основањето на ОПИН како алатка за е-учество и зголемување на младинската свест, младите ќе пристапуваат кон стандардите за младинско е-учество и ќе се развиваат во активни граѓани кои ќе придонесуваат во нивната заедница.

„СЕГА и понатаму ќе продолжи да развива нови можности за дигитално учество овозможувајќи им на македонските млади послободно да ги искажуваат своите мислења и потреби исто како и европските млади“, забележа тој.

Целта на проектот „ДИГИ – Дигиталното учество на младите е лесно“  е да се зајакне и збогати европската инфраструктура за електронско младинско учество, преку доставување модули за учење за:
– Заедница на иницијатори за проекти и простор за размена на знаења и совети за користење на
алатката ОПИН („Заедница и форум на Опин“);
– Високо-квалитетни материјали за е-учење и видео обуки, ресурси засновани на текст и аудио
материјали („Материјали за е-учење“);
– Секција за најдобри практики („Жива Лабораторија со најдобри практики“);
– Навигација и оптимизација на корисничкиот интерфејс на ОПИН со цел да се гарантира лесна
конфигурација на платформата („Ре- дизајнирање на ОПИН“).