Клупата на Горан Стефановски е готова, неговиот син направи здружение за зачувување на делото на драматургот

Клупата на Горан Стефановски е готов, но ќе се почека на нејзиното поставување во Дебар маало, соопшти синот на македонскиот драматург кој преку социјалните мрежи најави дека е формирано Здружение на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на неговиот татко,  кое има една цел –  опусот на Стефановски да остане секогаш на дофат на читателите.

„Би сакале бар едно нешто од него постојано да биде во книжарниците во нашата земја, бидејќи тој е еден од оние кај нас кои го заслужуваат тоа. Доста беше ситуација во која Диво Месо се чита во гимназија, а ја нема никаде да се купи како лектира. Тоа е таква балканска Кеч22 ситуација — баш таквите него го фасцинираа и го инспирираа. (Памтам дека средношколци редовно ни тропаа на врата барајќи копија од драмата, и кога веќе немаше за давање, татко ми почна да им кажува “прашај ја учителка ти зошто немаат они да ви дадат…”
Е сега, ова не значи дека ќе ве тераме на сила да ги читате неговите драми. Сепак, би било убаво што повеќе луѓе да знаат за што се работи Диво Месо, исто како што оние во дијаспората (или оние кои планираат да отидат натаму) би требало да ја знаат премисата на Тетовирани Души. Се разбира, Горан остави и многу други бисери и мудрости во есеи и говори кои се надеваме дека ќе можеме да ги прошириме во јавноста, особено за помладите генерации“, напиша синот на драматургот, Игор Стефановски.

Тој ја побара помошта и поддршка од сите кои ги читале делата на Стефановски, и појасни дека се подготвени за секаков вид на соработка, со секого, за да ја реализираат својата идеја.

Минатата година од Општина Центар соопштија дека во Дебар Маало ќе биде подигнат споменик на драмскиот писател.  Одлуката ја донесе Советот, по иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите. Спомен обележјето требаше да биде поставено на триаголниот парк во Дебар Маало, спроти ресторанот „Идадија“.

Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат.

Почина преклани, на 66 годишна возраст.