Клиниката за инфективни болести доби „УВ Гард“ за дезинфекција од вируси и бактерии – донација на светиниколски иноватори

Клиниката за инфективни болести доби „УВ Гард“ за дезинфекција од вируси и бактерии, донација од македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров од Свети Николе.

Уредот, за кој Радио МОФ веќе пишуваше, ги користи УВ-Ц зраците за дезинфекција на површини и воздух, 360 степени наоколу, така што ги убива микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција.

„Сакаме да им помогнеме на нашите здравствени работници. УВ Гардот е уред кој дезинфицира вируси и бактерии. Апаратот е мобилен, со функционалност да се движи на тркалца од една просторија во друга. Работи на струја и батерии, што претставува одлична можност за дезинфицирање на места каде што нема електрична инсталација. Се надеваме дека ќе помогнеме на Клиниката, затоа што лицата од првите борбени линии ја заслужуваат нашата најголема поддршка во справувањето со Ковид-19“, вели Поцков.

Од Министерството за здравство информираат дека Клиниката ќе го користи за зајакнување на условите во оваа установа каде се сместени и се лекуваат пациентите кои се заразени и позитивни на коронавирус.

„Просторијата што се дезинфицира мора да биде празна, но тоа не е проблем бидејќи уредот се контролира од далечина и го заштитува тој што го ракува“, информираат од министерството.

„УВ зраците допираат до места кои се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите и на нерамни површини. За просторија од 40 квадратни метри се доволни околу триесетина минути, а веднаш по дезинфекцијата се чувствува силен мирис на озон“, појаснуваат надлежните.

До крајот на неделата, уште еден ваков УВ уред ќе биде дониран на Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје, информираат од министерството.

Повеќе на темата прочитајте во продолжение:

Против коронавирусот со УВ-Ц зраци – светиниколски иноватори направија уред што дезинфицира површина и воздух