Против коронавирусот со УВ-Ц зраци – светиниколски иноватори направија уред што дезинфицира површина и воздух

Ивица Поцков и Никола Глигоров од Свети Николе неодамна го претставија нивниот нов уред кој врши дезинфекција на површина и воздух, 360 степени наоколу, со помош на УВ-Ц зрачење. На овој начин, тие сакааат да помогнат во справувањето со Ковид-19.

Ивица Поцков (лево) и Никола Глигоров

„Мотивирани и потикнати од ситуацијата која ја предизвика пандемијата, се чувствувавме должни да дадеме свој придонес во оваа борба“, вели Поцков за Радио МОФ.

Тој објаснува дека нивниот уред работи на принцип што зрачи кратка УВ-Ц бранова должина од 254 нано метри и за 20-тина минути ги убива микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, при што им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција.

„Уредот има вградена батерија со можност за полнење што му дава флексибилност за дезинфицирање на места каде што нема електрична инсталација. Може да се контролира од далечина, а со тоа се заштитува лицето кое оперира со уредот. За разлика од класичната дезинфекција со раствор, УВ зраците допираат до места кои се недостапни и ги елиминираат вирусите и бактериите“, истакна Поцков.

Поради кризата, вели тој, на домашниот пазар не биле достапни електрични делови за превенција против вируси и затоа некои елементи морале да ги увезат, а поголемиот дел од елементите претходно ги обезбедиле за други проекти на кои работат.

Поцков посочи дека уредите не се наменети за продажба, туку исклучиво се изработуваат со цел да се помогне каде што е најпотребно – „на првата борбена линија и пред сè заштита на медицинскиот персонал“.

„Во овој момент сме при крај со изработката на двапати помоќен уред од претставениот, кој ќе го донираме на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, каде што се лечат и најголем број заболени од коронавирус. Деловите за уредите ги финансираме од сопствени средства и веќе направивме план за ангажирање повеќе луѓе кои исто така волонтерски ќе се вклучат за побрзо да изработиме што поголем број уреди“, објасни тој.

Освен овој уред, во моментов работат на уште неколку слични уреди за иста намена со различна моќност за поголеми простории.

„Нема да застанеме сè додека не ги покриеме сите инфективни оделенија со уреди и места кои се потенцијални жариште на коронавирусот“, вели Поцков.

Тој упати апел до компаниите кои работат со електроника да придонесат со компоненти кои им се потребни за да изработат што повеќе уреди за пократко време.

„На крај, апелирам до нашите граѓани да се придржуваат до мерките пропишани од надлежните, да не потпаѓаат на ефтини приказни за разни теории на заговор, туку да седат дома и креативно да го исполнат своето време“, порача Поцков.

Емилија Петреска